Неопходно е да се спроведе ветинг во обвинителството, судството и политиката, вели вицепремиерот Артан Груби, откако американската амбасадорка Анџела Агелер рече дека „САД се збунети од изборот на Ислам Абази за шеф на ЈО за гонење организиран криминал и корупција“.

– Внимателно ја слушав изјавата. Мојот коментар е дека треба да има ветинг на сите нивоа на обвинителството, судството и политиката. Немам што да се согласувам или да не се согласувам со изјавите, но ви велам дека политиката на ДУИ беше, односно е да има ветинг на сите нивоа, почнувајќи од политичарите, па потоа продолжувајќи со судиите и обвинителите, изјави Груби пред почетокот на седница на претседателството на ДУИ.

Изјавата на Агелер следеше откако во јавноста се појавија фотографии на Абази со високи функционери на ДУИ и други информации за негови врски со оваа владејачка партија.