Пред 21 година на 20 ноември 1991 година во Скопје, во Собранието на Република Македонија, свечено е прогласен Уставот на Република Македонија, усвоен три дена пред тоа, на 17 ноември 1991 година.

Уставот досега е менуван осум пати, а претстои деветтото за да се исполни договорот за влез на Бугарите во него, за потоа, како што ветува актуелната власт, Македонија да го продолжи патот за влез на Македонија во Европската Унија.

Актуелната владејачка гарнитура која го планира деветото отворање, засега со сите математики нема доволно мнозинство пратеници во Собранието за да ја изврши својата намера.

Во продолжение историјатот на донесувањето, свеченото прогласување и измените на Уставот:

Граѓаните на референдумот одржан на 8 септември 1991 година со огромно мнозинство од 96,46 отсто ја изразија својата волја и го дадоа својот глас земјата да се конституира како суверена и самостојна држава Македонија.

Независноста уставно – правно беше заокружена со донесувањето на Уставот со 93 гласа во Собранието на 17 ноември 1991. За Уставот не гласаа Албанците претставувани од тогашната парламентарна Партија за демократски просперитет.

Работниот текст на Уставот го пишуваа професорите од Правниот факултет во Скопје, Владо Поповски,  Љубомир Фрчковски и Лазар Китановски.

Според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се засноваат на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество.

Уставот, како највисок правен акт, досега има претрпено повеќе амандмански измени.

Последната беше во 2019 година кога македонското Собрание со 81 глас „за“ ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во РС Македонија, по стапување во сила на Договорот од Преспа. Собранието го донесе и Уставниот закон за спроведување на амандманите.

Претходно измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009 и во 2011 година.

Првите измени на Уставот се усвоени на 6 јануари 1992 година со донесување на Амандманите I и II. Со нив се утврдува дека државата нема територијални претензии кон соседните држави и нема да се меша во суверените права и внатрешните работи на други држави.

 

На 1 јули 1998 година е усвоен Амандманот III, по иницијатива на Врховниот суд и со него е поместен рокот за максималното времетраење на притворот до подигнување на обвинение, од 90 на 180 дена од денот на притворувањето.

Пратениците на седница на Собранието на 16 ноември 2001 година ги усвоија амандманите  IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII. Овие амандмани се донесени како обврска од Охридскиот рамковен договор. Заменета е Преамбулата на Уставот која е напишана во еден став. На сосема нов начин е уредено прашањето на примената на службениот јазик и неговото писмо на целата територија на државата и во единиците на локалната самоуправа. Воведена е нова темелна вредност во уставниот поредок на државата односно соодветна и правична застапеност на граѓаните од другите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.

Проширена е листата на верските заедници утврдена во Уставот од 1991 година. Регулирани се правата на етничките малцинства. Гарантирана е заштитата, унапредувањето и збогатувањето на историското и уметничкото богатство на државата и на сите заедници во неа. Предвидено е дека за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во државата. Регулиран е начинот на избор (двојно мнозинство) и надлежностите на Народниот правобранител.

Воведен е Комитетот за односи меѓу заедниците кој го основа Собранието и утврден е неговиот состав. Уредена е застапеноста на припадниците на малцинските заедници во Републичкиот судски совет, Уставниот суд и Советот за безбедност. Уредено е прашењето на донесувањето на законите од областа на локалната самоуправа (двојно мнозинство гласови), како и надлежностите на единиците на локалната самоуправа. Регулирана е постапката за донесување на одлуката за измена на Уставот на Република Македонија.

Според последниот амандман, преамбулата, членовите за локалната самоуправа, членот 131, односно одлуката за пристапување кон измена на Уставот, како и членовите со кои се регулираат темелните вредности, правото на еднаквост, како и правата на малцинските заедници и одлуката за додавање нова одредба, која се однесува на предметот на тие одредби или членови, не можат да се променат без двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

На 26 декември 2003 година пратениците го усвоија амандманот XIX со кој се уредува отстапување од неповредливоста на тајноста на сите други облици на комуникација, а не само на писмата, како што е утврдено со Уставот од 1991 година. Утврдено е дека отстапувањето се врши врз основа на одлука на суд, под услови и постапка утврдени со закон, а поради точно наведени причини.

Амандманите XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV, XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX И XXX Собранието ги усвои на седницата одржана на 7 декември 2005 година. Тие се однесуваат на реформите на судскиот систем, односно на промената на организацијата на судскиот систем, изборот на судии и јавно обвинителство. Укинат е имунитетот на министрите, а се задржува само имунитетот на претседателот на Владата со тоа што за одземање на неговиот имунитет одлучува Собранието, а не Владата како што предвидуваше Уставот од 1991 година.

На собраниската седница одржана на 9 јануари 2009 година е усвоен Амандманот XXXI на Уставот со кој е утврден цензусот за избор на претседателот на Републиката во вториот изборен круг (ќе биде избран оној кандидат кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на избори излегле повеќе од четириесет проценти (40%) од вкупниот број избирачи во Републиката).

Амандманот XXXII на Уставот е усвоен на собраниската седница на 12 април 2011 година, а се однесува на неможноста на одземање на државјанството на државјанин на Република Македонија, односно на неможноста истиот да биде протеран од државата. Државјанин на Република Македонија не може да биде предаден на друга држава, освен врз основа на ратификуван меѓународен договор и со одлука на суд.

Последните уставни измени беа направени на 11 јануари 2019 година кога во законодавниот дом беа усвоени амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV, XXXVI на Уставот кои влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

Со нив се менува името на државата од „Република Македонија“ во „РС Македонија“, се прават промени во Преамбулата, се гарантира суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и грижата за дијаспората.

(Подготви: Д. Г.)