Државите од Групата од Лима, повикаа за демократски промени во Венецуела „без користење сила“.

– Преминот треба да биде извршен од самите Венецуелци мирно и во рамки на Уставот и меѓународното право, со политички и дипломатски средства, без употреба на сила, се вели во заедничка декларација по средбата на министри за надворешни работи одржана во Богота.

Во таа група се 13 јужноамерикански држави и Канада кои го сметаат режимот на претседателот Николас Мадуро за нелегитимен.

Групата ги повика државите кои имаат добри дипломатски односи со Мадуро да помогнат за организирање „избори што ќе бидат слободни, фер и со доверба“ во Венецуела.

На средбата беше и американскиот потпретседател Мајк Пенс и самопрогласениот претседател Хуан Гваидо кого државите од таа група го признаваат за законски шеф на Венецуела.