Македонската фудбалска репрезентација загуби со 2-0 на гостувањето кај Грузија во рамки на 5.коло во Лигата на нации со што завршија сите наши надежи за првото место во групата. Со овој триумф Грузијците го осигураа местото во баражот за пласман на Европското првенство во 2024 година.

Селекторот Благоја Милевски приморан од многуте повреди кај фудбалерите се реши за поинаква формација 3-5-2 и одигравме добри 30 минути. Имавме неколку удари од далечина и иницијатива, но без ефект, па бевме казнети на спротивната страна. Кварацкелија центрираше, а Миовски несреќно си постигна автогол во 36.минута.

Кварацкелија ги уништи сите наши надежи за позитивен резултат на натпреварот откако погоди за 2-0 во 64.минута повторно по една наша грешка во одбраната. Грузија комплетираше вкупно шест бода против нашата селекција и гол-разлика 5-0.

Македонија во последното коло во понеделник се среќава со Бугарија во Скопје и ни е потребен барем реми за да го осигураме второто место во групата 4.