Масовните протести организирани од црквата ја спречија грузиската влада да го донесе Законот за легализација на одгледувањето канабис во медицински цели.
Претседателот на грузискиот парламент, Иракли Кобахиџе, изјавил дека власта нема да преземе избрзани потези додека не ѝ објасни на јавноста за што навистина станува збор.
-Се шират лажни вести, така што мораме да посветиме внимание на информирањето на јавноста и тогаш заедно да одлучиме, рекол тој и додал дека противниците на законот шират дезинформации дека ќе бидат укинати сите рестрикции во врска со наркотиците.
Министерството за внатрешни работи на почетокот на месецов потврди дека бара одгледувањето канабис да се легализира само за извоз во земјите во кои марихуаната се користи во медицински цели, а продажбата внатре во земјата ќе остане кривично дело.
Расправата за законот ова лето предизвика протести по што полицијата спроведе серија рации во ноќни клубови во Тбилиси за кои противниците на законот тврдат дека примаат само геј-клиенти.
Владата тврди дека нема ништо против ЛГБТ-заедницата, но за црквата и нејзините сојузници прашањето за либерализација на канабисот е тесно поврзано со прашањето за геј-правата.
Свештеникот Андрија Џагмаидзе за Би-Би-Си изјави дека ЛГБТ-пропагандата промовира либерализација на наркотиците, што, според него, е спротивно на учењето на црквата.
-Власта треба на оваа работа да ѝ пријде одговорно, а не да ја препушти на приватниот сектор. Ако законот се усвои, ќе биде тешко да се контролира примената и наркоманите од странство ќе доаѓаат во Грузија за да уживаат во слободата, рекол грузискиот патријарх Лија Втори во својот проповед минатата недела.