Со олеснувањето на рестриктивните мерки воведени поради епидемијата на коронавирусот, се повеќе луѓе резервираат патувања и хотели преку интернет. Ова е многу добро за рекламниот бизнис на Гугл. Исто така, вработените во таа компанија сè уште работат од дома и не патуваат толку многу на службени патувања – што е повторно добро за деловното работење на Гугл.

Конгломератот „Алфабет“, кој инаку е сопственик на Гугл, во првиот квартал од годинава заштеди 268 милиони долари на патувања, промоции, забави, во споредба со истиот период минатата година, што е првенствено резултат на пандемијата, се наведува во извештајот на компанијата. Годишно, тоа би изнесувало повеќе од милијарда долари.

Всушност, „Алфабет“ во својот годишен извештај претходно оваа година соопшти дека трошоците за рекламирање и промоција се намалиле за 1,4 милијарди долари во 2020 година, бидејќи компанијата ја намали потрошувачката, паузираше или презакажуваше кампањи, а некои настани ги измени во дигитални формати поради пандемијата. Трошоците за патувања и забави се намалија за 371 милион долари.

Заштедите компензирале многу од трошоците направени при вработување на уште илјадници работници.

Гугл е познат по придобивките кои им ги нуди на работниците, како што се кревети за масажа, ресторани, корпоративни годишни одмори. Сега повеќето работници на Гугл работат од дома и без тие поволности се од март 2020 година.

Сепак, компанијата планира да се врати во канцелариите подоцна оваа година. Извршниот директор Рут Порат им рече на инвеститорите дека Гугл планира „хибриден“ модел – ќе има повеќе простор по работник отколку претходно.

Порат, исто така, нагласи дека Гугл ќе продолжи да инвестира во своите недвижности низ целиот свет.