Не стивнуваат реакциите во јавноста дека глувци и стаорци ја преплавија Општина Центар. Секојдневно сме сведоци на живи или угинати глодари пред нашите влезови, училишта, паркинзи, тротоари и пешачки патеки, вели Ана Хаџиевска, член на ОК Центар на ВМРО – ДПМНЕ.
„Горан Герасимовски и неспособните кадри на СДС се на чекор да ја вратат општината во 15-ти век. Период засекогаш запомнет поради болестите кои ги пренесувале овие животни. Мене, како мајка, особено ме загрижува последниот пример со инфестацијата кај основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“. Вистински ризик за најранливите, ризик за здравјето на нашите најмили. Да не заборавиме дека во непосредна близина се наоѓа и градинката 13 ноември, со што во опасност се ставени и најмалите деца“, вели Хаџиевска.
Хаџиевска од градоначалникот на Центар побара одговори за мерките што се преземаат за заштита на децата и граѓаните, како и за состојбата со дератизацијата во општината.
„Градоначалникот Герасимовски е должен да одговори како ние, родителите, да ги пуштиме своите деца надвор да си играат, а притоа да не се сомневаме дека нема да дојдат во контакт со површини на кои се движат глувци и стаорци?
Должен е да одговори дали ја гарантира безбедноста и здравјето на учениците во „Песталоци“?
Важно е да се потсетиме дека според член 15 од Закон за Град Скопје, дератизација е надлежност на општините, па прашање е дали градоначалникот и Општина Центар потфрлаат во надлежностите и обврските со кои се задолжени“, рече таа.
Хаџиевска упати критики кон раководењето со Општина Центар, оценувајќи дека состојбата со глодарите е последица на, како што тврди, несоодветното работење на локалната власт.
„Почитувани, Ова не е случајно. Ова е резултат на мрзеливоста и неспособноста на Горан Герасимовски и неговите сопартијци.
Кадрите на СДС, по мерка на Зоран Заев и Венко Филипче, не знаат да се справат со глувци и стаорци, а камоли да водат општина.
Овие луѓе успеаја да направат да се срамиме од она во што се претвора нашата општина. Некомпетентни лица, проследени со секојдневни скандали, не смеат да раководат со срцето на градот!“ истакна Ана Хаџиевска, од ВМРО – ДПМНЕ.




