Поскапувањето на струјата засега не се најавува поради локалните избори, рече поранешниот министер и еконимски аналитичарот Џевдет Хајредини, кој денеска беше гостин во „Студио 10“ на ТВ24.

Тој најави дека енергетската криза што ќе се пресели од Европа во Македонија ќе биде платена со дополнителни оданочувања.

– Ние имавме таква ситуација во комунизмот, загубата се акумулираше во тогашен Макпетрол и кризата финансиски беше врзани садови. Сите денешни долгови се утрешни даноци, рекол нобеловецот Фридман, рече Хајредини, кој е поранешен министер за финансии.

Според Хајредини, поскапувањето на електричната енергија засега не се најавува во јавноста поради локалните избори и дека треба на клучните позиции државата да постави постручни луѓе за справување со вакви ситуации.

– Ќе влечеме струја и натаму, се релативизираат работите во некои медиуми и се прави лажен оптимизам кај јавноста. Замислете како може да ескалира ситуацијата по изборите. Треба да се увезе јаглен и мазут, јаглен нема објективно, џабе зборуваат, а увозниот е скап, ситуацијата излезе дека е безизлезна. А никој не смее да зуцне до тој ден на изборите, наведе Хајредини.