Последната функционална болница во северна Газа, Камал Адван во Беит Лахија, „страда од задушувачка опсада“, соопшти денеска Министерството за здравство на Газа откако израелските сили упаднаа во болницата и го отстранија медицинскиот персонал, пациентите и членовите на семејствата, додека воените единици го опколија болница.

„Одделот за операции и хирургија, лабораторијата, одржувањето и одделот за итни случаи се целосно изгорени, а пожарот сега се шири и на други згради“, се вели во соопштението на министерството, а пренесува Ен-би-си Њуз.

Наводно се испратени возила на брза помош за да ги пренесат повредените во индонезиска болница, додека евакуацијата од Камал Адван продолжува. „Има пациенти кои се во опасност од смрт во секој момент поради тешките услови“, се додава во соопштението.

На прашањето на Ен-би-си Њуз, израелските одбранбени сили (ИДФ) рекоа дека ја нападнале болницата откако добиле информации за „присуство на терористичка инфраструктура и оперативци кои спроведуваат терористички активности“ во болницата.

Тие додадоа дека „војниците на ИДФ овозможија безбедна евакуација на цивилите, пациентите и медицинскиот персонал пред почетокот на операцијата“ и дека продолжуваат да „вложуваат големи напори за да им овозможат на пациентите да продолжат со лекување во други болници“.

Д-р. Хусам Абу Сафија, директорот на болницата, објави на Инстаграм дека израелската армија ги „пали сите оперативни оддели во болницата“, додека медицинскиот персонал сè уште е присутен внатре. Тој додаде дека се уапсени и некои членови на персоналот.

Набргу потоа, Министерството за здравство излезе со соопштение во кое се вели дека судбината на персоналот и пациентите станала непозната откако „се прекинала комуникацијата со директорот на болницата“.

Нападот и евакуацијата уследија по израелскиот воздушен напад вчера, кој погоди зграда спроти болницата, при што загинаа околу 50 луѓе, меѓу кои пет медицински работници, соопшти Министерството за здравство.

Д-р. Абу Сафија во посебна изјава рече дека меѓу загинатите се и др. Ахмед Самур, педијатар кој работел во болницата, и Есра, лабораториски техничар што излегла да им донесе храна на нејзиниот татко и брат. Техничарот за одржување Фарес исто така загина додека се обидуваше да спаси други, рече Абу Сафија.

„Ова е уште еден црн ден во серијата злосторства против болницата Камал Адван и нејзиниот персонал“, додаде тој.