Стотици патници останаа заглавени во своите возила на патиштата во централната германска покраина Хесен, откако снежните врнежи го прекрија автопатот, што доведе до сообраќаен метеж и колони возила кои се протегаа со километри.

Полицијата не можеше да процени колкав е хаосот предизвикан од снегот и до кога ќе бидат блокирани главните сообраќајници, пренесува неделникот „Билд“.

Во сојузната држава Тирингија, покрај снегот, на коловозот имаше и мраз, поради што голем број автопревозници ги одложија патувањата, а се наведува и дека состојбата може да се подобри.

Стотици летови на аеродромот во Франкфурт се откажани денеска, еден ден откако поради зимска бура накратко беа прекинати полетувањата и слетувањата.

Повеќе од 300 од околу 1.000 планирани летови за денеска на аеродромот во Франкфурт се откажани, изјави портпаролката на аеродромскиот оператор Фрапорт.

Авиони полетуваат и слетуваат на аеродромот, но воздушниот сообраќај сè уште се опоравува по невремето што донесе мраз, замрзнат дожд и снег во поголемиот дел од западна и јужна Германија.

Не е јасно дали дополнителни летови може да бидат откажани денеска. Портпаролката на аеродромот ги повика патниците да го проверат статусот на нивните летови на интернет пред да отпатуваат на аеродромот.

Аеродромот во Франкфурт е најголемиот и најважен авијациски центар во Германија и е меѓу најпрометните аеродроми во Европа.