Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека се додека Србија не го признае Косово, не треба да се намалат царините, објави приштинскиот весник „Газета експрес“.

Само признавањето на независно Косово од страна на српската држава може да ги намали царините, посочи Харадинај во Парламентот.

Тој додаде дека косовскиот претседател преговара со Белград на поинаков начин, додека неговиот став е Косово „само со санкционирање може да добие признание од Србија“.

– Без ваков пристап невозможно е да се постигне меѓусебно признавање ниту може да се постигне взаемно прифатлив договор, нагласи Харадинај.

Владата на Косово одлучи вчера да ги зголеми таксите на производите кои се увезуваат од Србија за 100 отсто.

Еден ден по неуспешниот обид на Косово за зачленување во Интерпол, на предлог на косовскиот министер за трговија Ендрит Шаља, Владата на Рамуш Харадинај одлучи да ги зголеми за 100 отсто таксите, кои пред две недели беа зголемени за 10 проценти.