Изборите во 2020 година можат да ги доведат САД на раб од граѓанска војна, смета харвардскиот историчар Нил Фергусон во колумна за „Бостон глоуб“.

Според него, во американското општество во последно време се појавиле непремостливи внатрешни противречности и „конфликт во културата“.

Експертот смета дека на Интернетот во Америка моментално се одвива своевидна „граѓанска војна“. Ова предвидување на професорот од универзитетот во Харвард е уште посериозно бидејќи станува збор за конкретни рокови – тој предвидува граѓанската војна да започна после изборите во 2020 година.

Фергусон посочува дека САД веќе подолго време се наоѓаат во внатрешен раскол, а американското општество e инфицирано од „конфликт во културата“.

-На Интернет се одвива своевидна граѓанска војна која се засилува со претстоечките избори за во Конгресот, вели експертот.

Случаите со поштенските пратки со бомби до поранешниот претседател Барак Обама и поранешната претседателска кандидатка Хилари Клинтон, големи критичари на претседателот Доналд Трамп, е знак дека САД се на работ од граѓанска војна, смета тој.

Ситуацијата станала уште покомплексна со вооружениот напад во синагога во Питсбург минатата недела кога следбеник на нацизмот се втурна во полна синагога и извикувајќи антисемитски пароли отвори оган врз присутните верници. Како резултат на нападот загинаа 11 лица, а шест беа ранети.

Линиите на конфликт во американското општество дојдоа до израз откако Трамп ја презеде претседателската функција и критиките како тој ја извршува својата работа. Населението од афро-американско потекло е посебно иритирано од појавата на Трамп.

Друг важен случај што го откри расколот во американското општество беа немилите настани во Шарлотсвил во август 2017. Радикални десничарски групи тогаш се собраа на марш за заштита на споменикот на Роберт Едвард Ли, познат генерал на армијата на Југот. Помеѓу нив имаше и претставници на нацистичкото движење „супериорност на белата раса“, кога се случи судир со екстремно левичарски противници при што загина едно лице, откако следбеник на нацистите се втурна со автомобил во толпата.

Во изјавата веднаш после немилите настани, Трамп ги осуди противниците на радикалната десница изјавувајќи дека тие нападнале на другата група. Тој посочи дека во судирот учествувале радикалната десница и екстремната левица.

Повеќе експерти и аналитичари укажаа дека судирите во Шарлотсвил ја демонстрираат силната поларизација во американското општетство.

Трамп веќе најави дека повторно ќе се кандидира на претседателските избори во 2020 година од страна на републиканците. Демократите пак сеуште немаат конкретни имиња за претседателската трка. Има најави дека Хилари Клинтон разгледува можна повторна номинација за кандиндат за претседател на САД.

МИА