Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, соопшти дека припадниците на вооружените сили на САД на возраст од 30 години и постари ќе бидат опфатени со задолжително тестирање за недостиг на тестостерон во рамките на редовните годишни здравствени прегледи.
Во видеото објавено на социјалната мрежа „Икс“ под наслов „High-T Department“, Хегсет изјави дека ја одобрил програмата за скрининг со цел војниците да имаат „соодветно ниво на тестостерон за да функционираат на највисоко можно ниво“.
Припадниците кај кои ќе биде утврдено ниско ниво на тестостерон ќе можат доброволно да примаат хормонска заменска терапија. За војниците помлади од 30 години тестирањето ќе биде доброволно.
Хегсет не прецизираше дали програмата ќе ги опфати и жените, кај кои нивото на тестостерон исто така природно се намалува со возраста.
– На нашите војници им ја должиме најдобрата здравствена грижа во светот и оваа програма е дел од таа обврска, рече Хегсет.
Тој додаде дека грижата за долгорочното здравје подразбира припадниците на вооружените сили да останат силни, отпорни и подготвени не само за следната мисија, туку и по завршувањето на воената кариера.
Во американската армија строго е забранета употребата на тестостерон за немедицински цели, како што е вештачкото зголемување на мускулната маса без лекарски рецепт.
Хегсет нагласи дека новата програма „не се однесува на вештачко подобрување на физичките способности“.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, соопшти дека задолжителниот скрининг стапува во сила веднаш за сите активни припадници и резервисти на возраст од 30 години и постари.
– Овој протокол ќе му овозможи на Министерството за одбрана да воспостави сеопфатна здравствена основа и да понуди насочена терапија со тестостерон, со што ќе обезбеди здрава, способна и доминантна борбена сила, наведе Парнел.
На прашањето дали ќе бидат тестирани и жените, како и дали ќе се разгледува можноста за терапија со естроген кај припадничките кои влегуваат во перименопауза, од Пентагон соопштија дека немаат дополнителен коментар.
Демократската сенаторка од Илиноис, Тами Дакворт, ветеран од војната во Ирак и членка на Комитетот за вооружени сили, побара хормонското тестирање да биде достапно и за мажите и за жените.
Конгресменката Криси Хулахан, демократка од Пенсилванија и поранешна припадничка на воздухопловните сили, ја оцени најавата на „Икс“ како „најновата опсесија на Хегсет во културните војни“.
Д-р Мохит Кера, професор по урологија на Медицинскиот колеџ „Бејлор“, кој минатата година претседаваше со експертската комисија на американската Администрација за храна и лекови (ФДА) за скрининг и употреба на тестостерон во војската, изјави дека сите мажи постари од 30 години треба да бидат тестирани, бидејќи нивото на тестостерон е важен показател за сегашната и идната здравствена состојба.
– Многу млади мажи имаат ниско ниво на тестостерон, што може да влијае врз мускулната маса и енергијата, а тоа е особено важно во борбени услови, изјави Кера.
Тој сепак предупреди дека терапијата не треба да се применува без медицинска индикација и симптоми.
Според него, хормонската терапија може да придонесе за зголемување на мускулната маса, намалување на масните наслаги, помал ризик од депресија и за подобрување на густината на коските, но таа не е соодветна за сите пациенти.
– Кај помладите мажи тестостеронот може да предизвика неплодност. Затоа мора внимателно да се процени секој случај, особено кај лицата кои се во репродуктивна возраст, рече Кера, додавајќи дека постои и потенцијално зголемен кардиоваскуларен ризик.
Најавата на Хегсет доаѓа откако американскиот секретар за здравство, Роберт Ф. Кенеди Помладиот, и други претставници на администрацијата се заложија за олеснување на пристапот до терапија со тестостерон.
Кенеди претходно оцени дека ваквата терапија може да биде дел од решението за, како што ја нарече, националната „криза со плодноста“.
Минатиот месец ФДА побара да се отстранат делови од предупредувањата за безбедност и ефикасност од етикетите на препаратите за заменска терапија со тестостерон и предложи олеснување на правилата за нивно препишување.




