Барателите на азил во Холандија, на кои им е одбиено барањето и кои активно ја попречуваат депортацијата, набргу би можеле да бидат осудени на затворска казна до шест месеци, според предлог-законот што денеска го презентира холандскиот министер за азил, Барт ван ден Бринк.
Предлогот предвидува кривично гонење на лицата што ќе одбијат да соработуваат во процесот на враќање, вклучително и оние што даваат лажни или никакви информации за идентитет или одбиваат да преземат потребни чекори за депортација, објави „НЛ тајмс“.
Ван ден Бринк рече дека затворската казна би била „последното средство“.
Централната агенција за прием на баратели на азил (COA) повторно предупреди на сериозен недостиг на сместување.
Бројот на луѓе што чекаат пред центарот за регистрација во Тер Апел бргу расте, а агенцијата се соочува со сè поголеми тешкотии да најде сместување, вклучително и за жени и деца.
COA изјави дека недостигаат стотици места за прием и дека проблемот не се должи на зголемениот прилив на баратели на азил, туку на луѓето што остануваат подолго во центрите.
Според агенцијата, бавните процедури на имиграциската служба IND и недостигот на сместување за лицата на кои им е доделен статус на бегалци придонесуваат за ова.




