Холандската амбасада како лажни ги оцени информациите дека Холандија ја поддржала Бугарија во блокирањето на преговарачката рамка за Македонија за почеток на преговорите за членство во Европската унија.

-Холандија сметаше и се уште смета дека С. Македонија има постигнато добар напредок и дека меѓувладината конференција може да се одржи веднаш штом ќе се усвои преговарачката рамка, се вели во реакцијата од холандската амбасада во Скопје.

Од Амбасадата за „360 степени“ потенцираат дека известувањата во некои медиуми дека Холандија ѝ дала поддршка на Бугарија во блокирањето на преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ се целосно неосновани и лажни вести.

-На 30 октомври 2020 година, владата на Холандија го информира холандскиот Парламент за својата одлука дека првата меѓувладина конференција за С. Македонија може да се одржи. Овој став останува, се разбира, непроменет. Холандија сметаше и сѐ уште смета дека С. Македонија има постигнато добар напредок и дека меѓувладината конференција може да се одржи веднаш штом ќе се усвои преговарачката рамка, велат од Амбасадата.

Претходно, бугарскиот весник „24 часа“, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, објави вест во која се тврдеше дека Данска и Холандија се двете земји кои се приклучија кон бугарското вето за Македонија.