Снајперист цела недела пука врз возила во движење околу Бишосверда, Германија, објави Билд.

До сега непознатиот снајперист погодил неколку возила, но освен оштетени автомобили нема повредени луѓе. Полицијата изјави денес дека имаат потврда за „20 погодени возила“.

Серијата напади почнала пред една недела. Воружениот непознат напаѓач оперира на автопатот Б 98 меѓу Бишосверда и Гајзмансдорф. Минатата недела тој околу 08.30 гаѓал „шкода“ и ја погодил во задното стакло. Еден ден подоцна околу пладне пукал врз „киа“, а во средата во 04 часот изутрина цел му бил „фолксваген“. Потоа направил мала пауза, па повторно се појавил стрелајќи во три возила кои биле дел од свадбена колона возила. За малку промашил едно лице.

Полицијата веднаш испратила патроли на местото на нападот, од воздух набљудувала со хеликоптер, но снајперистот исчезнал без трага.

Полицијата наведува дека од 1 август до сега истражува случаи со 20 нападнати возила. Побарана е помош од каква било информација и од населението.