Хрватска од пакетот, кој се состои од Повеќегодишната финансиска рамка (ПФР) и планот за закрепнување од последиците на Ковид-19, очекува двојно поголем износ европски средства отколку што имала во изминатите седум години, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

– За Хрватска е важно вкупниот износ, кој ќе и биде на располагање, да биде речиси двојно поголем отколку во првите седум години од нашето членство во Унијата, кога ќе се соберат и едната и другата кошница, ПФР и инструментот на ЕУ на следната генерација, истакна Пленковиќ.

Тој во Брисел се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред денешниот самит на врвот на лидерите на земјите членки, на кој ќе се направи обид за постигнување договор за ПФР и планот за закрепнување од последиците на новиот коронавирус.

Основата за расправа на самитот е предлогот на Шарл Мишел. Тој предложи Повеќегодишна финансиска рамка за периодот од 2021 до 2027 година во износ од 1.074 милијарди евра, што е 26 милијарди евра помалку од предлогот на Комисијата, но го задржа предлог планот за закрепнување во износ од 750 милијарди евра – 500 милијарди како неповратна помош и 250 милијарди како кредити.

Хрватскиот премиер нагласи дека земјите членки засега имаат различни ставови околу предложениот пакет.