Најсовремениот и најголемиот систем за водоснабдување во источниот регион ХС „Злетовица“ работи нерентабилно. Граден е со цел од него со вода да се снабдуваат општините Штип, Свети Николе, Пробиштип, Лозово и Карбинци. Но, засега со вода се снабдуваат само општините Пробиштип и Свети Николе, а кои со приклучувањето на системот го решија проблемот со недостаток на водата за пиење во текот на летните месеци.

Штип има технички проблем со филтер станицата, а Лозово и Карбинци немаат изградено филтер станици, ова се пречките на трите општини, кои не се приклучени на ХС „Злетовица“.  На почетокот на годината вицепремиерот Кочо Анѓушев реализираше состаноци со градоначалниците, при што е  формурана и  работна група,  која  ги детектира проблемите и колку ќе чини нивното решавање, со цел системот да работи рентабилен.

Иле Илиевски, в.д директор на ХС „Злетовица“  потврдува дека претпријатието работи нерентабилно, бидејќи засега имаат само двајца корисници, а тоа се јавните претпријатија на Свети Николе и Пробиштип.

Во моментов општините Свети Николе и Пробиштип должат вкупно 21 милион денари за испорачана вода од ХС „Злетовица“. Најголем должиник е Свети Николе со 15 милиони денари, а Пробиштип должи околу шест милиони денари и  како што вели Илиевски овие две општини прават напори да ги намалат долговите.

Технички проблем е причината што жителите на Штип се уште не можат да ја пијат водата од Хидросистемот „Злетовица“. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски забележува дека од страна на ЈП „Исар“ направено е тестирање за прием на водата, што пристигнува преку цевковод до филтер станицата, анализите покажуваат поголема матност на водата, за која пред да се пушти низ градскиот водоводен систем потребни се големи трошоци за да се преработи.

Консултирани се експерти од Словенија, а почнато е и преградување со бетонски пречки, кои што ќе ја намалат силината на водата, која пристигнува од цевководот.

Бочварски се надева дека на овој начин ќе го решат проблемот, со цел општината и штипското комунално претпријатие „Исар“ да не се изложуваат на трошоци за купување дополнителна опрема.