На естрадната „партиска“ пејачка Цветанка Ласкова, Министерството за култура ќе ѝ финансира јубилеен концерт. Ваквите потези јасно и недвосмислено покажуваат дека Министерството за култура не само што не го разбира значењето на културата туку тоа не ги согледува разликите меѓу поимите „култура“ и „естрада“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Настојувањето за деградирање на приматот на националните културни институции се остварува со пренасочување на државните пари кон низа приватни продукциски студија, во случајов „Сити Саунд“ ДООЕЛ – Скопје на естрадната пејачка Цветанка Ласкова, која патем е поранешна претседателка на Форумот на жени на СДС(М). За проектот „50 години јубилеј – Цветанка Ласкова“ Министерството за култура доделува сума од 300 000 денари. Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ  алармира дека ваквата перцепција на културата го девалвира културното живеење во Република Македонија. Не само што реакциите од скандалозните одлуки по повод резултатите од Годишните конкурси за 2023 година не стивнуваат туку и сѐ повеќе се разгоруваат. Со бесмислените и збунувачки одлуки за финансирање на партиската естрада, министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со анонимните комисиски членови од Министерството, уште еднаш докажаа дека немаат кредибилитет да проценуваат што е, а што не е национален интерес. Всушност, тие и немаат претстава што е национален интерес, обвинуваат од партијата.

-За споредба, јубилејот на Цветанка Ласкова „вреди“ повеќе од „Величенствениот концерт по повод 1160 години од Моравската мисија“ поддржан со само 90 000 денари. Исто така, помалку вреден од естрадниот јубилеј на Ласкова е и проектот „Чичко маестро Џамбаз – Во светот на децата“ со доделените 140 000 ден., додека за македонскиот бренд – Фестивалот на детска песна „Златно славејче 2023“, одобрени се само 204 000 денари. По сѐ изгледа семејството на Ласкова се има „специјализирано“ за извлекување средства од секоја државна институција, па во случајов, со 50-годишниот јубилеј на Цветанка се надоврзуваат на проектот „Декорирај ме“ поврзан со нејзината снаа кој од Фондот за иновации и технолошки развој „исцица“ 330 000 евра. Што мислите кој ќе седи во првиот ред на јубилејниот концерт? Да точно, таа е. Се надеваме дотогаш ќе биде поранешна, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, пејачката Ласкова беше дел од тимот на бившиот премиер Зоран Заев, со која го рушеа „режимот“ со боите од тн. шарена револуција и паролите „нема правда, нема мир“. Таа беше на чело на жените во партијата и во советничкиот тим во Владата на Заев.