Тимјаничка река ја смени бојата, поради комиње кое се фрла во канализација по печењето ракија во најлозарскиот дел на државата.

Од општина Неготино за МИА потврдија дека поради непромисленост, поединци го исфрлаат комињето во канализација, по што тоа, во делот каде што нема колектор, завршува во реката.

– Работиме на решавање на проблемот, поради кој, не само што водата во реката ја менува бојата, туку и се шири неподнослива миризба наоколу, нагласија од Локалната самоуправа.

Оттаму апелираат до сите оние кои печат ракија во домашни услови, остатоците од тој процес да не ги исфрлаат во канализација, туку во контејнерите. Доколку отпадот е во поголеми количини, да се однесе на градската депонија Дуброво.