Владата денеска ќе ја одржи својата редовна седница во Куманово на која приоритет ќе бидат информациите за проектите од непосреден интерес на граѓаните од општините во регионот.

Претходно, министрите ќе имаат повеќе теренски активности во овој регион.

Според агендата, пред владината седница која ќе се одржи попладне, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов ќе извршат увид во работите на рехабилитација на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, министерот за здравство Венко Филипче ќе ја посети Општата болница во Куманово, а министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски ќе ја посети компанијата за месна индустрија „Никси“ како еден од корисниците на ИПАРД програмата.

На дневен ред на седницата се информацијата за состојбите и извршените проекти во општините Куманово, Крива Паланка, Кратово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане. Ќе биде разгледана и информацијата за изготвување „Регистар на програми“ во рамки на програмата „Фонд за млади умови“, што ќе ја презентира Фондот за иновации и технолошки развој.

На оваа владина седница се очекува да биде разгледана и прифатена Предлог – одлуката за давање согласност за потврдување на Спогодбата за присоединување на јавното претпријатие Колекторски систем Скопје и МЈП ПРОАКВА Струга (РЕ Колектор Струга).

На предлог на Општина Крушево, се очекува Владата да донесе одлука за барање за финансирање на проект „Изградба на дел од инфраструктура во центар за параглаjдинг во Крушево“.

На предлог на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања ќе бидат разгледани информацијата за проблемите и потребите на техничките факултети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и информацијата за текот на проектот дуално образование.

На дневниот ред за оваа седница е и информацијата за напредокот на проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Македонија”.

Агенцијата за млади и спорт ќе ја презентира информацијата за преземените активности за изработка на Акцискиот план за 2020 година за спроведување на Националната стратегија за млади (2016-2025).