Сега со францускиот предлог имаме идентична ситуација како од периодот кога се менуваше имато на Македонија за влез во НАТО и ЕУ – пресуден е гласот на политиката, а гласот на народот не се есапи.
Тогаш тоа го видовме со промената на името на Република Македонија, и покрај неуспешниот референдум, а сега притисокот од сите страни дека „ЕУ не може без нас“ наспроти секојдневните масовни протести за одбивање на францускиот предлог за бугаризација на Македонија. И пред потпишувањето на договорот со Грција и смената на името на Република Македонија, доаѓаа странски политичари и не убедуваа дека тоа е добро, идентично е и сега со францускиот предлог. Променети се само имињата на европските функционери.
Додека, пак, во Македонија, тие што ветуваа „бесплатно здравство за сите низ цела Европа“ сега повторно оркестрирано го величаат францускиот предлог како единствен клуч кој ќе ни ги отклучи портите во ЕУ.
Пред пратениците во Собранието утре ќе се најде францускиот предлог, а седницата беше закажана откако Владата до Парламентот испрати дел од документите поврзани со предлогот. Претседателот на Собранието Талат Џафери за истиот ден, половина час пред почетокот на оваа седница, закажа уште една на која обраќање ќе има претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Седницата на која пратениците треба да расправаат за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година, е закажана во 13:30 часот.
Власта останува на ставот дека францускиот предлог е добар и оти треба да се прифати за да се крене бугарското вето и да се откочи процесот на евроинтеграција на земјава. Опозицијата е со спротивен став, а необјавувањето на протоколот и неговата содржина, според неа, фрла дополнителен сомнеж на тоа што го прави власта.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера оцени дека се неосновани стравувањата за бугаризација и дека станува збор за шпекулации што се користат за некој да добие политички поени.
Во оваа фаза, потенцира Османи, нема почиста формулација за јазикот како што има во рамката предложена од француското претседателство. Рамката нема врска со Протоколот, а Протоколот ќе биде објавен, како што рече шефот на дипломатијата, пред неговата средба со бугарската министерка Теодора Генчовска.
Според Османи, логиката да останеме блокирани за да не не блокира Бугарија во иднина, е ирационален пристап.
Тој објасни и дека унилатералните изјави немаат никакво правно значење, туку се само за домашна употреба.
-Бугарија, иако ќе каже нешто за својата јавност, ќе гласа за рамка во која македонскиот јазик е чист. И ние сега се обидуваме да се фатиме во нешто што е тотално неважно во услови кога првпат во нашата историја имаме ваков документ и предлог што го прифаќа Бугарија. Цело време бугарската позиција беше дека нема шанси во рамката да стои македонски јазик. Се бараше да стои „официјален јазик“ на Северна Македонија. Потоа имаше и други опции, за сега, ова решение да биде апсолутно чисто. Сами да ја напишевме рамката, не можевме поинаку да напишеме за јазикот. Тоа се формулациите, рече Османи.
Во однос на собраниската седница закажана за четврток, на чиј дневен ред ќе биде францускиот предлог, Османи истакна дека најважни ќе бидат заклучоците, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.
-Најважни ќе бидат заклучоците на Собранието во кои ќе се даде јасен мандат на Владата што може, а што не, во текот на преговарачкиот процес. Имам некои информации за какви заклучоци разговараат пратеничките групи. Мислам дека заклучоците ќе имаат важна тежина за да дадат насока, рече министерот.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера изјави дека тоа што протоколот се уште не е објавен и не се знае што тој содржи говори за тоа дека власта, како што рече, на шверцерски начин сака да го протурка францускиот предлог.
-Суштината е протоколот. Протоколот ниту е доставен, ниту пак мислам дека ќе го достават, затоа што планираат на шверцерски начин да го протнат сето ова, како што впрочем така прават изминативе пет години, изјави Мицкоски на вечерашниот протест против францускиот предлог.
Според него, нема логика во тврдењата дека протоколот прво треба да биде потпишан, па потоа да се објави неговата содржина.
– Тоа е исто како јас сега да дојдам во вашиот дом да ви ставам лист хартија и да ви речам потпишете го овој документ кој одлучува за иднината на вашето семејство без да го прочитате. И вие ќе ми речете нема да го потпишам затоа што не знам што пишува во него. Јас велам не се секирајте добар е за вашата иднина, верувајте му треба да го потпишете. Дали вие ќе го потпишете?, праша Мицкоски.
Тој од пратениците на СДСМ побара да да го одбијат предлогот и да не гласаат за информацијата во Собранието, а тој за возврат рече дека ќе се откаже од барањето за предвремени избори.
Ставот на Демократскиот сојуз, кој е дел од владејачкото мнозинство, е дека треба да се обезбеди поширок консензус во однос на предлог-заклучоците во врска со францускиот предлог од сите партии во Собранието, и од власта и од опозиција. Претседателот на партијата, Павле Трајанов, нагласи дека доколку „не се создаде единство околу оваа преговарачка рамка“, тогаш ДС нема да ја поддржи.
– Ставот на Демократскиот сојуз околу ова стратешко прашање е дека треба да се обезбеди поширок консензус. Во таа насока Парламентот треба да донесе заклучоци прифатливи за мнозинството пратеници, односно за сите важни политички партии застапени во Парламентот, вклучително и опозицијата, рече Трајанов.
Владата, според барањата од координација во Собранието, вчера попладнето достави до Собранието дополнување на Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција на 30 јуни 2022 година. Документите, како што посочија од Собрание, се доставени до сите пратеници.