Од наредната недела ја стартуваме кампањата во рамки на Министерството за внатрешни работи под мотото „Сината униформа дејствува за зелена околина“, објави денеска министерот Оливер Спасовски.

– Посебен куриозитет е тоа што оваа кампања произлегува од веќе реализираните активности во насока на зголемување на енергетската ефикасност и поголемо учество на обновливите извори на енергија преку инвестициите во објектите на МВР. Зелената акција која во овие неколку години ја спроведуваме како раководство на МВР, е во насока на владините приоритети за трансформација на енергетски план и има за цел да ја подигне јавната свест и кај граѓаните и кај институциите, деловните субјекти дека сите можеме да придонесеме за поголеми заштеди и заедничко менување на енергетскиот профил на државата, но и заштита на животната средина, со намалена загаденост на воздухот и зелена околина, објави Спасовски на својот официјален профил на Фејсбук.

Објавата од Спасовски навестува дека МВР освен од криминалот во иднина ќе ги заштитува граѓаните и од загадување на воздухот.