Лос Анџелес Галакси минатиот викенд доживеа тежок пораз против Сиетл Саундерс (0:5), но посилно од поразот одекна веста дека на средбата не зема учество легендарниот Златан Ибрахимовиќ.

Не се работи за повреда на поранешниот репрезентативец на Шведска, туку Ибрахимовиќ одби да игра на вештачка трева, на теренот на кој Саундерс ги игра своите домашни натпревари.

– Не може да се игра на тоа, мора постојано да внимавате да не се повредите, тука не смее да се игра фудбал, тоа е срамно. Фудбалот не е измислен за да се игра на такви подлоги- изјави по тој повод напаѓачот.

Треба да се напомене дека Златан по неговото пристигнување во САД ги пропушти сите натпревари кои се играат на вештачка трева, сите освен оној во Портланд, кога тој влезе од клупата.

– Еднаш играв само неколку минути и тоа е најлошото искуство кое сум го имал- додаде поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед.
Исто така, треба да се напомене дека Ибрахимовиќ го искористи своето време за да отиде на концерт на Ед Ширан, со кого си разменија дресови.