Израелските одбранбени сили (ИДФ) сопшштија дека во текот на изминатата недела извршиле операции на повеќе фронтови, вклучувајќи го јужен Либан, Појасот Газа и Западниот Брег, со цел да се спротивстават на заканите што ги претставуваат Хезболах и палестинските милитантни групи.
Според израелската војска, израелските воздухопловни сили извршиле околу 310 напади врз цели на Хезболах во јужен Либан, при што ИДФ тврди дека околу 80 членови на организацијата се убиени, објави „Џерусалим пост“.
Во Појасот Газа, израелските сили продолжија со активностите насочени кон уништување на мрежа од подземни тунели, особено во областа Кан Јунис.
ИДФ соопшти дека повеќе од 20 членови на палестинските милитантни групи се убиени за време на операциите, вклучувајќи тројца високо рангирани членови на Исламски џихад, како и шефот на инфраструктурата за трансфер на средства на Хамас и неговиот заменик.
На Западниот Брег, израелските сили приведоа повеќе од 50 осомничени за поврзаност со терористички активности, поттикнување насилство и поседување или трговија со оружје, соопшти армијата.
За време на операциите беа запленети околу 60.000 евра, за кои ИДФ тврди дека биле наменети за финансирање на терористички активности, како и машини за производство на оружје, беспилотни летала, воена опрема, муниција и повеќе од десет огнено оружје, вклучувајќи пиштоли и импровизирано оружје познато како „Карло“.




