Центарот за култура-Битола е подготвен за 49. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.
На фестивалските сцени во Битола ќе настапат над 1.000 членови на македонски и на фолклорни ансамбли од Мексико, Индија, Русија, Израел, Белгија и од Италија, најави Маја Андоновска-Илијевски, директор на НУ Центар за култура-Битола.
-Фестивалските денови ќе почнат со претпрограма, ретроспективна изложба „60 години творештво на Панде Петровски“, а во пресрет на свеченото отворање на 27 јули, ден претходно ќе отвориме изложба за абориџинската култура која ја подготвивме во соработка со Амбасадата на Австралија во Белград. Оваа година востановивме и новина, односно фестивалски карван кој ќе се реализира во општините Демир Хисар и Новаци, најави Андоновска-Илијевски.
Според селекторот на фестивалот, Валентин Соклевски, „Илинденски денови“ се столб за чување на автентичната и народната култура на Балканот и во светот.
-„Илинденски денови“ се единствениот македонски фестивал на картата на светските фестивали со сертификат на ЦИОФФ. И оваа година на фестивалот ќе бидат презентирани автентични и изворни македонски вредности за што ќе се погрижат 30 фолклорни ансамбли од државата, но и од странство, кои ќе пренесат пораки за мир, соживот, развој и чување на автентичната култура, рече меѓудругото Соклевски на прес-конференција во Битола.
Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ се одржува под покровителство на Собранието на Северна Македонија и со поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.