Педесет и три годишниот Илир Мета, кој синоќа ја предаде функцијата на новоизбраниот албански претседател Бајрам Бегај, во петгодишниот мандат му се спротивстави на премиерот Еди Рама со 68 уредби, а е и единствен досегашен шеф на државата, кој двапати избегна разрешување со помош на Венецијанската комисија и Уставниот суд.

Мета денеска се враќа во партијата Движење за социјалистичка интеграција (ЛСИ), што самиот ја формираше а која по неговиот избор за шеф на државата ја предводеше неговата сопруга Моника Круемади.

Иако беше избран во 2017 година со 87 гласови на социјалистите и пратениците на ЛСИ, Мета на функцијата шеф на државата во втората година од неговата функција се претвори во „ѕид“ за Владата и мнозинството на Еди Рама.

Тој потпиша 68 уредби против својот поранешен сојузник, предизвикувајќи длабока криза меѓу двајцата највисоки функционери во земјата, кои тесно соработуваа за да дојдат на власт.

Институционалниот конфликт меѓу претседателот Мета и премиерот Рама започна пред четири години кога шефот на државата се спротивстави на уривањето на Националниот театар. Одбивањето на Мета да ги именува министрите за внатрешни работи Сандер Лешај во 2018 година и Гент Цакај за надворешни работи, во 2019 година, предизвика гнев и обвинувања од Рама против претседателот, па овие прашање завршија дури и на Уставен суд.

Откажувањето од мандатите на пратениците на Демократската партија и ЛСИ од Собранието го нагласи институционалниот конфликт, но сега не само на релација претседател – Влада, туку и со Собранието.

Чин без преседан беше презакажувањето на датумот на локалните избори во 2019, од 30 јуни за 13 октомври, одлука за која владејачките социјалисти поткренаа иницијатива за разрешување на претседателот Мета. СП не отстапи и изборите беа на 30 јуни, на кои учествуваа само нејзини кандидати, игнорирајќи го указот на Мета. Од друга страна, Венецијанската комисија не им даде правна поддршка на социјалистите да го разрешат.

На 2 март 2020 година, Мета ги повика граѓаните на плоштадот за да му ја покаже својата политичка сила на Еди Рама, успевајќи да собере илјадници граѓани.

Но, односот на Мета за време на кампањата за парламентарните избори во 2021 година дополнително го загрози односот со Рама, по што повторно по иницијатива на социјалистичките пратеници во Парламентот беше изгласано негово разрешување. Сепак ниту во вториот обид, не успеаја да го разрешат од функцијата претседател, Уставниот суд не го дозволи тоа.

Мета денеска се враќа во активната албанска политика, не земајќи ниту слободен ден.

Тој вечерва ќе се обрати пред членовите на ЛСИ, во постапката на партиската конвенција и се очекува да ја преземе лидерската позиција.

Деновиве тој најави силни движења кои ќе го разнишаат системот.

– До 24 јули ќе ја извршуваме нашата должност со целосна одговорност и се надеваме дека така ќе биде и понатаму кога станува збор за прашања од национален интерес. По 25 јули ќе следуваат силни политички движења што ќе го разнишаат системот од темел, истакна Мета.

Мета беше седми претседател по падот на комунизмот, а на ова функција дојде од претседател на албанскиот Парламент.