Илјадници Романци протестираа денеска пред зградата на Уставниот суд против поништувањето на првиот круг од претседателските избори во декември, на кои победи малку познат проруски кандидат.

Протестите се одржуваат од 6 декември кога Уставниот суд ги поништи изборите, два дена пред вториот круг.

Одлуката беше донесена откако државните документи покажаа дека победникот во првиот круг Калин Џорческу „имал корист од неправедната кампања на социјалните мрежи“, најверојатно организирана од Русија. Москва негира дека се мешала во романските избори.

Адвокатот на Џорџеску денеска поднесе барање до Уставниот суд за укинување на неговата одлука. Околу 4.000 негови приврзаници се собраа пред зградата на судот, извикувајќи „Сакаме да гласаме“ и „Вратете го вториот круг“.

Романската владејачка коалиција оваа недела се согласи да ги повтори претседателските избори на 4. и 18 мај, речиси шест месеци по поништениот прв круг. Дотогаш, претседателот во заминување Клаус Јоханис, чиј мандат истече на 21 декември, ќе остане на функцијата.

Не е познато дали на Џорџеску, кој го критикува НАТО и се спротивставува на поддршката на Романија за Украина, ќе му биде дозволено повторно да се кандидира.