Членовите на Европскиот парламент не се лошо платени – во просек околу 8.400 евра месечно. Сепак, речиси една третина од нив заработуваат нешто настрана.

Рекордер е Антанас Гуога, европратеник од Литванија, кој признава дека врши дури 16 активности – политичар, претприемач, па дури и професионален покер играч. Не е лоша ниту политичарката од редовите на баварските демократи (ЦСУ) Ангелика Ниблер, коај е ангажирана во 14 должности. Нејзината колешка од истата партија, Моника Холмајер, само на 13.

Гуога од јули 2014 година, кога е избран за евро-пратеник од паралелни ангажмани заработил најмалку еден милион и 428.387 евра, но пред него е Италијанецот, Ренато Сору, кој пријавил еден милион и 565 илјади евра дополнителни приходи на годишно ниво -тоа е неговата заработка од „само” уште четири дополнителни активности, но меѓу нив е и директорското место на телекомуникациската компанија „Тискали”.

Постојат најмалку две причини да им се лутите на пратениците

Ако некој ги следи седниците на Европскиот парламент, може да забележи колку брзо таму се гласа за различни прашања. А граѓаните кои ги избраа овие пратеници може да спијат мирно, кога би можеле да видат дека пратениците знаат за што гласаат.

Друга причина е дека многу пратеници можеби и премногу добро знаат кога треба да ја дигнат својата рака, бидејќи во текот на своите (платени) активности во здруженија, организации и компании доаѓаат во контакт со одредени интересни групи, кои им се поважни од нивните гласачи. Со други зборови, така се отвораат вратите на лобијата.

Управни одбори, мали подароци, патувања …

Токму затоа овие дополнителни активности на европратениците се интересни за организацијата „Транспаренси Интернешнл”. Таа редовно ги проверува нивните дополнителни активности и извештаите за нивните приходи. Според најновите податоци, излегува дека речиси една третина (31%) имаат барем некоја „работа настрана“. Се разбира, постојат големи разлики меѓу нив.

Пратеници од Франција дополнително заработиле вкупно 4,6 милиони евра, Италија 2,6 милиони, а од Германија  1,4 милиони евра дополнително покрај своите редовни приходи, како пратеници.

Европскиот парламент е одраз на општеството и затоа нормално е меѓу пратениците да има претприемачи, сопственици на бизнис, па дури и  покер играчи, но проблемот е во тоа што некои од пратениците ги плаќаат организации кои отворено  застапуваат  одредени позиции.

Се спомнува комесарката на ЕУ за правда, Вивиен Рединг, која е член на управниот одбор на рударска компанија „Нирстар“ и поранешен фотографски гигант „Агфа”, европратеничката Агнес Јонгериус, која е во Надзорниот одбор на Холандската пошта или Австријанецот Паул Рибиг,  кој е претставник на австриската Трговска комора.

„Транспаренси интернешнл” во својот извештај ги обвинува лидерите на Европскиот парламент дека не прават  доволно за да се спречи судир на интереси, „малите подароци” и лобирањето меѓу пратениците. Соодветниот етички кодекс беше прифатен во 2012 година, но контролата е слаба, а одговорниот комитет не е независен од претседателот на Собранието. Во изминатите пет години беа прекршени најмалку 24 начела, кои Европскиот парламент сам ги донесе, а ниту еднаш не дојде до какви било санкции.

Заборавени пратеници

Пратениците од Европскиот парламент најчесто не ги пријавуваат своите приходи, подароци што ги добиваат или поканите за одредени настани. „Забораваат” да  пријават и „пријателско” патување платено од странска влада .

„Транспаренси Интернешнл” потсетува дека ваквите работи би биле незамисливи дури и во самите членки на ЕУ. Во Франција, на пример независното тело има широки овластувања да контролира кој што прави и колку заработува секој член на парламентот во Париз. Во Брисел тоа не постои.