За лидерот на интегративците ситуацијата станува се посериозна и се чини како да излегува од контрола, пишува скопскиот портал на албански јазик „ин7“.

Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ синоќа објави дека има ново парламентарно мнозинство, заедно со албанската опозиција (АА и ААА), Движењето Беса и Левицата. Најавеното мнозинство има 61 пратеник, но можноста оваа бројка да се зголеми е многу голема. Шпекулациите веќе почнаа и е пресметано мнозинство од најмалку 64 пратеници, вели „ин7“.

Во медиумите беше објавено дека се очекува во новото мнозинство да се приклучат двајца пратеници на ДУИ по соборувањето на владата. Но, како што дознава „ин7“, на оваа бројка се додава уште еден пратеник. Значи станува збор за тројца пратеници од ДУИ кои се очекува да го напуштат бродот на Ахмети.

„Ин7“, тврди дека ги знае имињата на тројцата пратеици, но нема да ги објави поради опасност да се дознае изворот. Но, додава дека еден од пратениците е од полошкиот регион, додека другите двајца се од скопскиот регион.