Турски патролен брод испукал неколку предупредувачки истрели кон мал кипарски брод на крајбрежната полиција, додека вториот бил на редовна патрола за справување со мигрантиските бранови на островот, соопшти портпаролот на кипарската полиција Христос Андреу, говорејќи за телевизијата „Сигма“, јави дописничката на МИА од Атина.

Според Андреу, инцидентот се случил околу 3.30 часот утрово за време на редовна патрола во северниот дел на Република Кипар, кога на 11 наутички милји на кипарскиот брод „со агресивни намери“ му се приближил турски брод.

-Бродот на крајбрежната служба беше мал со тричлен екипаж и гледајќи ги намерите на турскиот крајбрежен брод и за да се избегнат дополнителни инциденти се повлече, а во некој момент, на околу четири наутички милји, се чини дека турскиот брод испука предупредувачки истрели кон нашиот брод, кој во продолжение стигна на пристаништето, а турскиот го напушти местото, објасни портпаролот на полицијата на Кипар за телевизијата „Сигма“.