Интерпелацијата за Талат Џафери е поднесена и сега на потег се од СДСМ на Димитар Ковачевски, да покажат дали имаат доблест и истата да ја поддржат или ќе покажат дека поважна им е фотелјата од демократските принципи.
Ова се истакнува во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
– Талат Џафери со своето самоволие придонесе да се создаде хаос во Собранието. Тој ги понижи и пратениците и вработените во Собранието и Собранието како институција. Кршењето на Деловникот со заклучувањето на пратеници, примитивизмот и пцуењето на службеници, средбите со чеченски политичари кои се безбедносен ризик се само дел од скандалите кои тој ги предизвика. Со нив го погази угледот на законодавниот дом, го погази дигнитетот на Собранието и ја избламира Македонија на домашен и меѓународен план. Од оваа интерпелација владејачкото мнозинство не може да бегаат. Дојде време кога треба да покажат дали се за демократските принципи или се заложници на желбата за гола власт, се вели во соопштението.
Како што веќе објавивме, веднаш по инцидентите на спикерот Џафери, премиерот Ковачевски се огради од барање одговорност за коалициониот партнер, со образложение за снимката што беше објавена од Собранието не го препознава гласот на Џафери, што го препозна и го виде јавноста во Македонија.
А ден-два потоа, Ковачевски во друштво со Џафери, Али Ахмети, Артан Груби и други функционери на ДУИ беше сликан како навиваат од трибините на фудбалски натпревар во Чаир.