Сакам да испратам силна порака дека европската перспектива, перспективата на пристапување на Западен Балкан, вклучително и на С. Македонија, е јасна и неспорна. Минатата година го имавме Самитот во Загреб, каде што оваа стратегиска цел беше повторена од страна на лидерите, ништо не е променето. С. Македонија со нејзината географска положба, со нејзината култура, историја, е европска земја.
Ова во интервју за МИА го изјави амбасадорот на Европската Унија во Македонија Дејвид Гир, со кого разговаравме и за спорот меѓу Бугарија и Македонија, за можното членство во Европската економска зона, за пристигнувањето на вакцините, Ковакс механизмот, помошта на Европската Унија за санирање на последиците од Ковид кризата врз економијата…
Евроамбасадорот е оптимистичен дека земјава ќе оди напред, како и за заложбите на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу С. Македонија и ЕУ во првата половина од годинава.
За евроамбасадорот Гир, преку процесот на реформи Македонија ќе стане дел од семејството на Европската Унија.
Европската комисија најави дека ЕУ ќе обезбеди 70 милиони евра во грантови за земјите од Западен Балкан за да набават вакцини. Сепак, процесот за набавка на вакцини се одвива бавно. Северна Македонија и покрај што доби ветувања дека ќе добие помош во вакцини од две соседни земји членки, доби помош од Србија. Кога најбрзо може да се очекува помошта од ЕУ?
– На сите ни е јасно дека за да се излезе од пандемијата треба да се осигуриме сите да имаат пристап до безбедни и ефикасни вакцини. Европа нема да биде безбедна сè додека сите региони на Европа се безбедни. Сите ние сме засегнати и затоа ЕУ е рамо до рамо со Западен Балкан и со РС Македонија од почетокот на кризата.
Минатата година, ЕУ обезбеди повеќе од милион производи од медицинска заштитна опрема за Западниот Балкан. Помогнавме на бизниси за да не пропаднат како резултат на економското влијание на ковид-пандемијата и затворањето на општеството. Им помогнавме на ранливите категории граѓани, кои можеа да останат без работа и оние кои имаат тешкотии да влезат на пазарот на трудот.
Исто така, им помогнавме на владите, особено на Владата тука кога се соочи со намалување на приходите и при управувањето на јавните финансии преку макрофинансиска помош. Така што, уште од почетокот обезбедуваме огромна помош. Исто така, знаете дека Европската комисија најави грантови во износ од 70 милиони евра за Западен Балкан да им помогне на земјите да ги покријат трошоците за набавка на вакцини од земјите членки на ЕУ како дополнителна помош покрај механизмот Ковакс.
Во врска со прашањето за вакцинација. Процесот не треба да претставува трка меѓу земјите. Сите сме засегнати. Претходно, стапката на заразени беше повисока тука на Западен Балкан отколку во ЕУ, а во моментов стапката е повисока во ЕУ во споредба со Западниот Балкан. Сигурен сум дека вие, и слушателите и гледачите, сте свесни за огромниот притисок со којшто се соочуваат членките на ЕУ додека започнуваат со вакцинација на населението, а истовремено се појави и мутација на вирусот со кој се зголеми бројот на новозаболени.
И покрај предизвиците, ЕУ-земјите рекоа дека ќе обезбедат вакцини. Кога ќе биде тоа… Вчера, претседателката на Европската комисија изјави во Брисел дека се надева дека тоа ќе биде наскоро. Можам да кажам дека Комисијата работи со земјите членки за да ја организираат испораката, но не можам да прецизирам кога би било тоа. Но, ќе повторам дека ова е пример за поддршката којашто ние ја обезбедуваме. Даваме поддршка уште од почетокот. Кризата трае речиси една година и секако ќе продолжи.
Пораката до вас е дека тука сме од почетокот, за време на кризата, а и во иднина, вклучително и за процесот на вакцинација.
Меѓутоа недостигот на вакцини придонесува за зголемување на стапката на смртност, значи време нема, а се покажа дека Ковакс-механизмот не функционира, иако е добро замислен, но не е функционален. Дали е тоа уште еден доказ дека ЕУ не функционира, барем не така брзо во кризни моменти, како во оваа пандемија?
– Не, не мислам така. ЕУ ја обезбеди досега најголемата помош од 3,3 милијарди евра за целиот регион за секоја од фазите и продолжува да обезбедува помош. Исто така, се обврза да обезбеди вакцини за Западен Балкан. Но, потребно е време за испорака. Како што реков, претседателката на ЕК се надева дека тоа ќе биде колку што е можно побрзо.
ЕУ оддели голем пакет макрофинансиска помош за Западен Балкан, вклучително и С. Македонија, во екот на пандемијата. Помошта се состоеше и во медицински и други средства. Дали можеме да очекуваме дополнителна помош за справување со последиците врз економијата што ги предизвика Ковид-19?
– Да, секако. И ова е пример за огромната поддршка од ЕУ. Сигурно знаете за обемните разговори минатата година на ЕУ-членките за тоа како да подготват пакет за закрепнување за справување со економските ефекти од ковид-пандемијата. За време на разговорите, ЕУ не заборави на регионот на Западен Балкан. Напротив. Договорија суштинска понуда за Западен Балкан за да му помогне на регионот да закрепне преку инвестиции. Тоа е Економскиот и инвестициски план, кој го претстави комесарот за проширување Вархеји во октомври.
Планот се состои од девет милијарди евра за Западен Балкан заедно со гаранцискиот инструмент за Западен Балкан нуди заеми и до 20 милијарди евра. Тоа се огромни суми. За што би се искористил? Целта е да се поддржат инвестиции на Западен Балкан за поврзување, односно инвестиции за негово развивање во транспортот и енергетика, а и инвестиции кои би му помогнале на Западниот Балкан во клучните транзиции, меѓу кои зелена и дигитална транзиција.
Понудата е веќе ставена на маса и имаше суштински разговори со Владата и на крајот на минатата година во врска со тоа како да се поттикнат инвестиции преку оваа понуда. Да ви дадам пример. Може да очекуваме околу 200 милиони евра, кои би биле достапни за изградба на пругата до Бугарија, како дел од познатиот Коридор 8, како и пречистителна станица за отпадна вода во Скопје.
Португалскиот министер за надворешни работи рече дека процесот на европска интеграција на С. Македонија и одржувањето прва меѓувладина конференција во првата половина од годината ќе биде еден од приоритетите на нивното претседателство со ЕУ. Додаде дека земјава ја сработи својата домашна задача, и сега е ред на ЕУ да исполни. Можеме ли да го очекуваме тоа?
– Да, можеме да го очекуваме тоа. Само да се навратиме на настаните од минатата година во март – историската одлука донесена од Европската Унија. Тоа значи дека 27 земји членки сите заедно се договорија за отворање пристапни преговори со С. Македонија и со Албанија.
Следниот чекор е усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори. Тие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот.
Во меѓувреме, она што е важно, е С. Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред.
Очигледно е дека хендикеп на ЕУ е вклучување на билатералните спорови во процесот на проширување, вклучувајќи го и спорот Бугарија–С. Македонија. Дали тоа е изговор или ова се правилата на организација што ги избира своите пријатели?
– Да ги погледнеме правилата на организацијата. Знаете во некои клучни области како што е процесот на проширување, Европската Унија, нејзините 27 земји членки, дејствуваат врз база на едногласност. Во други области тоа не е случај. Но во овој случај е така. Тоа едноставно значи дека 27-те членки мора да се договорат со цел да се оди напред. И ако погледнете наназад, многу одлуки во изминатите години што беа донесени едногласно, ќе видите дека понекогаш овој процес на едногласност резултира со одложувања и поради тоа е потребно повеќе време.
Имам целосно разбирање дека луѓето се чувствуваат фрустрирано, сакаат да одат напред, нетрпеливи се да се движат напред, но исто така е важно да се нагласи дека за да се оди напред, потребен е ангажман за овие прашања. Многу примери има од минатото каде што со континуирано ангажирање работите се движат напред и јас сум голем оптимист.
Случајот Скопје – Софија вклучува интерпретирање на историјата. На тоа јасно се спротивставија Чешка и Словачка. Нели е опасно историјата да стане предуслов за членство?
– Нема да одам во детали за тоа што е дискутирано. Важно е да се фокусираме на она што е важно во овој случај. Значи како што кажав и претходно, две работи се неопходни – првата е РС Македонија и Бугарија да продолжат да се ангажираат да ги решат своите прашања на билатерална основа и второ – во меѓувреме Владата тука да го имплементира и да го забрза реформскиот процес. Зошто тоа е важно – прво, поради тоа што е од најголема важност за граѓаните, но второ реформите, и реформите поврзани со ЕУ се најбрзиот начин да се приближите и да се приклучите кон европското семејство.
Кое би било другото решение за Западен Балкан. Од геостратегиска гледна точка е дел од Европа. Се остава ли простор за други сојузи вон ЕУ?
– Треба да сме јасни. Сакам да испратам силна порака дека европската перспектива, перспективата на пристапување на Западен Балкан, вклучително и на С. Македонија, е јасна и неспорна. Минатата година го имавме Самитот во Загреб, каде што оваа стратегиска цел беше повторена од страна на лидерите, ништо не е променето. С. Македонија со нејзината географска положба, со нејзината култура, историја, е европска земја. Има длабоки економски и трговски врски со Европската Унија. Досега е нејзин најголем партнер и останува нејзината евроатлантска страте
Колку се можни други алтернативи, како Европската економска зона, или можеби се крои друга стратегија за регионот?
– Нема да зборувам за план Б, нема план Б. Целта е пристапување во Европската Унија. Како што веќе споменав, лидерите на Европската Унија доследно ја повторуваат европската перспектива на Западен Балкан. И лично сум многу оптимистичен дека ќе одиме напред. И преку процесот на реформи Северна Македонија ќе стане дел од семејството на Европската Унија.
Неда Димова Прокиќ
Фото: Дарко Попов
Видео: Аслан Вишко