Во прекрасни односи сме, вчера бевме на работен состанок заедно, изјави вечерва градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на прашањето дали односите со премиерот Зоран Заев им се нарушени.
Шилегов, во вечерашното издание на „360 степени“ изјави дека планира повторно да се кандидира за градоначалник и ќе бара поддршка од СДСМ за втор мандат.

– Сите ангажмани што ги имав во изминативе три години ми даваат за право да побарам поддршка од СДСМ да ја поддржи мојата кандидатура за втор мандат. Јас како легалист ќе се држам до таа постапка и процедура. Тоа прво ќе биде барање поддршка во рамките на органите на СДСМ, рече Шилегов.

На прашањето во какви односи се тој и Заев и дали нивните односи се нарушени, Шилегов вели дека тоа се измислени работи.

– Во прекрасни односи сме, вчера бевме на работен состанок заедно. Веројатно, во недостаток на интересни работи, луѓето сакаат да измислуваат работи што ги нема. Немаме нарушени односи. Ние поминавме толку многу заедно од 2013 година што едноставно нема логика да имаме нарушени односи, рече Шилегов.