Има катастрофално лоша економска слика, има криминал кој цвета, се краде на ангро, Владата прави криминални иновации, крвави тендери кои завршуваат во приватни џебови и сето тоа треба да се плати, и тие сакаат да го наплатат од џебот на граѓаните, вели лидерто на ВМРО-ДПМНЕ, во интервјуто за порталот Курир.
Лидерот на најголемата опозициска партија, за состојбите што актуелната власт ги предизвика во Република Македонија, вели:
– Нокаутот ќе дојде од граѓаните, и тука не треба да се биде премногу експерт или аналитичен за да се заклучи дека на оваа власт ќе и се случи народ. Едноставно е, имаме тотален хаос и неработа во секое поле. Забревтана машина која е пред зарибување, нема никакви резултати ниту напредок во било која сфера. Престана да се гради во државата, за година ипол не отпочнаа ниту еден проект, градежништвото во низа бележи двоцифрени падови, економијата е далеку под 5 осто раст каков што ветуваа пред да дојдат на власт. За година ипол не удрија камен темелник на ниту едно училиште, спортска сала, болница, вели Мицкоски.
Се сеќавате, додава Мицкоски, во кампањата за референдумот кога им велевме дајте нашите пари што ни следуваа согласно распределбата за кампања, пренаменете ги за реновирање на училиштето Кирил Пејчиновиќ во Тетово.
– Тогаш арогантно рекоа, не се секирајте за тоа, има пари и за него и за кампања. Еве поминаа неколку месеци таму шајка не е закована. Наследија готов проект и пари за изградба на нова Клиничка Болница, го прекинаа договорот за градба, рекоа ќе граделе нова помеѓу Бардовци и Злокуќани. Сега пред некоја недела соопштија дека сепак тоа не е добра локација, и се откажаа од градба таму. Ама штетата е направена, до сега ќе имавме карабина на новата клиничка болница за која беа обезбедени пари. Наследија еден готов автопат Демир Капија – Смоквица, година дена им требаше да го пуштат во употреба, наследија и еден во финална фаза Скопје – Штип, но и тој го заглавија, до сега ќе беше пуштен да не го намалија интензитетот. Да не зборувам за некоја коренита реформа која ја спровеле, нема такви, судството го задушија со политика обвинителството со притисоци, го менуваат името на државата, а криминалот цвета, вели Мицкоски.
Македонија, продолжува тој, го живее своето најцрно време.
– Замислете порано секоја година се натпреварувавме на листата на Дуинг бизнис, сега веќе одиме надолу, и имаме пад во рангирањето, во Македонија не се отвараат фабрики, бизнисот трпи, а гледаме единствено пресметка меѓу олигарсите за фаќање на место под криминалниот чадор на власта. Нокаутот е неизбежен, само треба да се скратат рундите, бидејќи агонијата која ја приредуваат ќе биде поголема, истакнува Мицкоски во обемното интервју што денеска го објавува порталот Курир.