Црна Гора е голем пријател на Северна Македонија и во нас имате силен заговорник на вашиот европски пат. Го охрабрувам дијалогот кој моментално постои во контекст на уставните измени, кои треба да ги направите. Се надевам дека од тоа ќе излезете уште посилни како општество, вели во екслузивното интервју за МИА новиот црногорски претседател Јаков Милатовиќ.

Тој со оценка дека во изминатиот период земјава направила значајни чекори напред, што според него било препознаено од Брисел, кој одговорил на еден добар начин давајќи и ветар в грб и на Северна Македонија со отпочнувањето на приот чекор од преговорите.

-Сигурно дека случувањата во Украина, односно руската агресија на Украина, го разбудија Брисел да почне малку повеќе политички да се однесува кон процесот на проширување, а не само технички, како што досега често беше случај. Тоа е навистина важно за сите наши земји од Западен Балкан, и тоа е она што суштински се промени во изминатите година дена дека Брисел сфати дека е неопходен тој политички замаец кон Западен Балкан, вели црногорскиот претседател Милатовиќ во интервјуто за МИА прашан за тоа колку е важно во контекст на евроинтеграцијата земјава да го искористи моментумот со новонастаните геополитички околности поради војната во Украина.

Во таа смисла, додава тој, „секако, Црна Гора најмногу напредуваше на тој пат и затоа мислам дека нашето полноправно членство би им дало силен ветар в грб на сите останати земји од Западн Балкан, а овде, пред се, мислам и на Северна Македонија“.

Во продолжение следува целото интервју со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ со видео материјал:

Победник на предвремените парламентарни избори во Црна Гора е Движењето Европа сега – (Покрет Европа сада – ПЕС), чиј коосновач сте и вие. Мандатот за формирање Влада ќе го добие ПЕС. Имајќи ги предвид изборните резултати и потребата од коалицирање. Дали очекувате формирање стабилна влада и како ги коментирате оценките од политички аналитичари дека тоа би била речиси невозможна мисија и дека Црна Гора влегува во период на политичка нестабилност?

-Мислам дека црногорското општество во изминатите две-три години помина низ навистина големи промени, а најголемата промена беше во 2020 година кога дојде до промена на режимот. Знаете дека тогаш беше составена влада, која не ја вклучуваше претходно владеачката партија. Оттогаш имавме две влади поинакви и сосема сигурно дека и на тој начин влеговме во една нова фаза на демократски развој .На сето тоа, нареден чекор е направен на претседателските избори, на 2 април, оваа година кога убедливо го победив досегашниот претседател Мило Ѓукановиќ и ми се чини дека токму од тој момент Црна Гора влезе во една нова фаза и на демократски развој и на економски развој.

Така што овие парламентарни избори кои се случија минатата недела, беа, може слободно да се каже, први без каков било притисок, на кои граѓаните гласаа слободно. И тоа е еден голем чекор напред за Црна Гора. Сигурно дека сега е на сите нас Црна Гора да добие една стабилна влада, која ќе има една важна задача, а таа се однесува на зголемување на животниот стандард на граѓаните на Црна Гора, унапредување на владеење на правото и навистина посилен фокус на европските интеграции. Она што и јас го зборував во кампањата за претседател на Црна Гора е дека сега ова е последниот воз за Црна Гора, за да може во следните неколку години, ако навистина го направиме тоа што е до нас, да стане полноправна членка на ЕУ. И мислам дека токму тоа е главната задача на оваа наредна влада. Колку таа ќе биде стабилна, сосема сигурно зависи од многу работи. Јас како претседател се надевам дека ќе биде стабилна и дека токму таа нејзина стабилност и реформскиот капацитет дополнително значајно ќе ги унапредат работите во Црна Гора и заедно и со мене во улога на претседател на Црна Гора, конечно ќе ја внесе земјата во ЕУ.

Подгорица ги почна пристапните преговори со ЕУ од 2012 година. Вие изразивте уверување дека Црна Гора треба да стане членка на ЕУ до 2027-2028 година. Колку е реална ваквата цел ако се имаат предвид последните изјави на Макрон и планот од четири точки на Фон дер Лајен за забрзано приближување на регионот во ЕУ? 

-Видете, јас веднаш откако станав претседател на Црна Гора отидов во своја прва официјална посета токму во Брисел и со тоа дополнително на еден симболичен начин ја покажав посветеноста, и мојата како претседател и на новата генерација политичари во Црна Гора на европскиот пат. Од друга страна од Брисел добив навистина охрабрувачки пораки и мислам дека е ова вистинскиот момент, наредните неколку месеци, наредната година – две, кој Црна Гора може да го искористи и да направи значаен чекор напред. Влезот на Црна Гора во ЕУ е приоритет над сите приоритети. Јас сум убеден дека полноправното членство на Црна Гора е многу поголема работа од самата Црна Гора. Таа на тој начин би била еден добар показател дека проширувањето е живо, тоа би бил добар сигнал и за сите останати земји на Западен Балкан. Тоа би бил добар сигнал од Брисел и за земјите од Источна Европа. И мислам дека во таа смисла, навистина постои еден силен моментум и во Црна Гора и во Брисел таа ситуација да се случи. Затоа сметам дека е тоа реално. Се разбира, ние треба да продолжиме и уште посилно да се фатиме во костец со одредени реформи. Овде пред се, мислам на реформите кои се однесуваат на борбата против криминалот и корупцијата. Мислам дека сега во Црна Гора постои силна политичка волја за тоа. Мислам дека и овие парламентарни избори, по претседателските покажаа дека Црна Гора оди во тој правец и јас навистина сум оптимист.

Северна Македонија си постави цел полноправно членство во ЕУ до 2030 година, но за да продолжи на тој пат потребно е да се усвојат уставни измените. Колку е важно земјата да го искористи моментумот со новонастаните геополитички околности поради војната во Украина кои го вратија проширувањето на агендата на ЕУ?

-Прво, сакам да кажам дека Црна Гора е голем пријател на Северна Македонија и дека кај сите кои носат одлуки во Црна Гора имате еден силен пријател и голем заговорник на европскиот пат на Северна Македонија. Тоа е резултат на една силна блискост помеѓу граѓаните на Црна Гора и граѓаните на Северна Македонија и тоа е основа на се. И во таа смисла навистина се радуваме на секој чекор напред што Северна Македонија ќе го направи на својот пат кон полноправно членство во ЕУ. Јас мислам дека во преходниот период Македонија направи доста, дека направи значајни чекори напред и ми се чини дека токму Брисел и одговори на еден добар начин давајќи и ветар в грб и на Северна Макеонија и на Албанија со отпочнувањето така да кажам на приот чекор од преговорите меѓу Северна Македонија и Европската комисија. Сигурно дека случувањата во Украина, односно руската агресија на Украина, можеби дури и го разбудија Брисел да почне малку повеќе политички да се однесува кон процесот на проширување, а не само технички, како што досега често беше случај. Јас мислам дека тоа е навистина важно за сите наши земји од Западен Балкан и дека тоа е она што суштински се промени во изминатите година дена дека Брисел сфати дека е неопходен тој политички замаец кон Западен Балкан. Во таа смисла, секако, Црна Гора најмногу напредуваше на тој пат и затоа мислам дека нашето полноправно членство би им дало силен ветар в грб на сите останати земји од Западен Балкан, а овде, пред се, мислам и на Северна Македонија. Го охрабрувам дијалогот кој моментално постои во Северна Македонија во контекст на уставните измени кои Северна Македонија треба да ги направи. Се надевам дека од тоа ќе излезете уште посилни како општество и навистина во таа смисла ги поддржувам напорите на сите носители на одлуки во Северна Македонија да одат кон тој европски пат.

Црна Гора не е дел од Отворен Балкан, кој се смета за најистакната иницијатива за регионална интеграција, во јуни Светска банка објави дека заштедите од иницијативата се три милијадри евра. Веќе изјавивте дека Црна Гора би требала да биде дел од иницијативата. Кога би можела Подгорица да се придружи на Отворен Балкан?

-Пред да влезам во црногорската политика долги години бев економист во ЕБОР и од мојот академски и професионален академски беграунд навистина сум силен заговорник на регионалните економски интеграции. Сметам дека ние сме регион кој во контекст на економските односи сме насочени едни кон други. И секоја економска интеграција на регионот е добар чекор напред. Честопати забораваме дека токму европските интеграции се другата страна на паричката во однос на регионалните интеграции, односно регионалните економски интеграции се темел на европските интеграции, бидејќи се сеќавате и знаете дека и приказната за ЕУ настана како приказна за регионални економски интеграции на Франција, Германија, Италија и земјите од Бенелукс.  И сметам дека тоа на Западен Балкан не треба да се заборави. Во таа смила навистина и ЦЕФТА и Берлинскиот процес и сите други регионални економски интеграции направиле доста. Сметам дека и оваа која произлезе органски од регионот на Западен Балкан, доколку ја ставиме во фокусот на нашиот европски пат може да биде исто така еден добар поттик. Секако дека за ова прашање за Црна Гора ќе одлучуваат и новата влада и новиот состав на Собранието на Црна Гора, но априори доколку како општетство да го ставиме Отворен Балкан во функција на нашите европски интеграции мислам дека тоа е добра работа и за Црна Гора и Западен Балкан.

Во контекст на војната во Украина и тензиите на Косово, дали очекувате регионот да оди кон евроинтеграција и натамошна стабилизација или кон можна дестабилизација и дезинтеграција?

-Црна Гора е навистина добар сосед и сликата, која што ја имавме во Подгорица на 20 мај, на денот на мојата инаугурација, кога ги имавме речиси сите лидери од Западен Балкан во Подгорица, за жал, господинот Пендаровски веќе однапред имаше закажан состанок, така што не можеше да присуствува, но самата појава и на претседателот на Србија и на претседателката на Косово и на претседателот на Хрватска и трите членови на претседателството на БиХ и претседателот на Албанија и на Бугарија, тој ден направи една слика од Подгорица за еден Западен Балкан, кој соработува и кој е насочен кон нас самите. Јас сум уверен дека само Западен Балкан, кој е дел од ЕУ може да биде стабилен и просперитетен. И тоа е политика, која јас ја промовирам и тоа е мислам политика која треба сите заедно да ја промовираме.

Во таа смисла навистина дополнителното унапредување на добрососедските односи е еден од приоритетите на надворешната политика на Црна Гора и во овој фон се сите пораки кои јас ги праќам како претседател и кои ќе бидат во наредниот период. Јас навистина би сакал, мислам дека сите во регионот на Западен Балкан би сакале целосно да дојде до деескалација на судирите и генерално на несогласувањата меѓу Белград и Приштина. Силно го поддржуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина, имаме волја да помогнеме доколку некаде од нас се бара помош, но целосна нормализација на односите меѓу Србија и Косово е основа за еден стабилен и просперитетен Западен Балкан и ние за тоа се залагаме. Мислам дека имаме потполно идентичен став во однос на ова прашање со ЕУ, дека за постигнување на таа деескалација е потребно повторно да има избори во Северно Косово, дека треба да се исполнат и оние предуслови, кои се однесуваат на формирањето на Заедницата на српски општини на Северно Косово, како некои чекори до понатамошната деескалација на тензиите и се она што води кон тоа Црна Гора го поддржува. Во таа смисла нашиот став е јасен и мислам дека е сличен со ставот на Северна Македонија. Сметам дека навистина ни е потребен просперитетен и стабилен Западен Балкан како дел од ЕУ.

Виолета Геров

Фото: МИА

Видео и монтажа: Аслан Вишко