Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски очекува годинава да бидат срушени рекордите за извезено вино. Во интервју за МИА, вели дека македонското вино е нашиот најголем амбасадор и дека се отвараат нови пазари како што се Кореја, Бразил и други држави во светот.

– Сите политики што ги водиме се во правец да произведуваме финален производ и токму затоа оваа година за 12 милиони евра е зголемен извозот на флаширано вино, а паѓа извозот на наливно вино. Токму тоа што паѓа извозот на наливно вино и расте извозот на флаширано вино, говори дека навистина сите политики, мерки и активности водат во правец да го преработуваме нашето грозје и да работиме на брендирање и на имиџ на македонското вино, посочува Николовски во интервјуто за МИА што го даде на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ што од 16 до 19 ноември се одржува на Белградскиот саем.

Во видео интервјуто, што во целост го пренесуваме подолу, Николовски нагласува дека сме препознатливи како винска земја и дека виното е најизвезуван земјоделски производ после тутунот. Од 28 држави и над 600 винарии на саемот, од земјава присутни се 74 винарии.

– Македонија е винска земја, виното е наш најголем амбасадор. Моментално, според последните бројки, сме прва земја во регионот, дури пред Грција и пред останатите земји, во извоз на виното. Очекувам 2023 година да ги срушиме рекордите по вредноста на извезено вино. Особено е значајно што расте извозот на флаширано вино, и само во последната година имаме за 30 проценти поголем извоз на флаширано вино. Едни од најпосетуваните се и македонските семејни винарии, македонските мали старт ап винарии. Пред само неколку години имавме 30, а денес сме до добра бројка од близу 300 регистрирани винарии, посочува Николовски.

Интервјуто со видео материјал го пренесуваме во целост:

Г. Николовски, премиерот Димитар Ковачевски рече дека најголем увозник на наше вино е Србија и дека лани увезле македонско вино во вредност од 20 милиони долари. Точен е овој податок?

-Да. Македонското вино е најзастапено во земјите од регионот на поранешна Југославија, меѓутоа исто така и во Европа. Точно е дека во Србија има најголем извоз на македонското вино. Околу 20 милиони долари е извозот во последната година во Србија. Меѓутоа се отвораат и нови пазари – Кореја, Бразил, останати земји. Нашите винарии подготвуваат и се реализираат договори.

Новиот Закон за вино што го донесовме е токму во тој правец. Заради нашата застапеност на европскиот пазар носиме закон што целосно е усогласен со ЕУ. Исто така, Владата пред еден месец за првпат ја донесе новата десетгодишна Национална стратегија за развој на лозарството и на винарството. Бројките за растот на извозот, покажуваат дека виното на некој начин после тутунот е најизвезуван земјоделски производ. Рекордот што го постигнавме значи дека политиките и мерките што ги имплементираме и што ги работиме заедно со потсекторската група за вино, навистина ги даваат своите резултати.

Дали имаме доволно капацитети да го преработиме целото наше винско грозје, бидејќи претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека Србите најмногу грозје увезуваат од кај нас и го претвораат во убави вина? 

-Да. Вчера во говорот претседателот Вучиќ неколкупати ја потенцираше токму значајноста и битноста на Македонија како винска земја на она што го произведуваме, но и на препознатливоста и на квалитетот на македонското вино, и токму затоа е таа побарувачка.

До крајот на месецот ќе склучиме нови близу 100 договори, за нови старт ап винарии, близу 100 винарии кои ќе добијат грант од 10 илјади евра за набавка на опрема. И тоа се пред се лозари кои произведуваат грозје и кои ги мотивираме сега да го преработуваат, лесно да се регистрираат по измените на Законот што ги направивме и да може да произведуваат вино, односно финален производ. Сите политики што ги водиме се во правец да произведуваме финален производ и затоа токму оваа година за 12 милиони евра е зголемен извозот на флаширано вино, а паѓа извозот на наливно вино. Токму тоа што паѓа извозот на наливно вино и расте извозот на флаширано вино, говори дека навистина сите политики, мерки и активности водат во правец да го преработуваме нашето грозје и да работиме на брендирање и на имиџ на македонското вино.

Дали за тоа може да се користат средства од ИПАРД 3 програмата што сега ја почнуваме први во регионот? 

-Апсолутно. На последниот повик во ИПАРД 2 што заврши пред месец дена, во мерката 3 за набавка на опрема, каде ги ставивме на располагање последните 8,8 милиони евра од ИПАРД 2, најголем број на апликации дојдоа токму од винариите за набавка на опрема и тие ги користат овие средства. ИПАРД 3 секако дека исто така ги нуди можностите во мерките и за подигнување на насади, и во мерката за опрема за винариите. Јас би рекол нема винарија што ја нема таблата на ИПАРД, а од друга страна сме лидери во искористеноста на ИПАРД. Први во регионот ги распишавме повиците од ИПАРД 3 и верувам дека ако сега ги сублимираме бројките, повторно ќе имаме голем број на винарии коишто ќе аплицираат, но исто така и на лозари кои ќе ги обновуваат насадите. Впрочем, нашиот фокус во Националната стратегија за лозарство е до 2033 година да постигнеме одредени цели, како што се на пример 4 проценти од вкупното произведено вино да биде органско, 30 отсто да ги обновивме насадите, за 5 отсто да ги зголемиме новите насади, за 15 отсто да ги зголемиме туристите коишто ги посетуваат нашите винарии и вински патишта, за 50 отсто да ја зголемиме вредноста на извезеното вино во флаши. Верувам дека овие бројки и пред 2033 година ќе ги оствариме.

Валентин Јанковски

Фото: МИА