Почит на пресумпцијата на невиност, но и теза дека законот мора еднакво да важи за сите искажа денеска Зоран Заев во интервју за МИА во кое говори за последните случувања во врска со вчера обелоденетата истрага „Рекет“, евентуалната вмешаност на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во случајот и како сето ова ќе се одрази врз иднината на земјата.
За Заев со отворањето на овој случај се демонстрира јасно и недвосмислена борба против организираниот криминал и корупцијата и се враќа довербата во правната држава и во владеењето на правото. Побара од Јавното обвинителство јасно да каже каква е инволвираноста на Јанева со цел да ги запре шпекулациите, кои, како што посочи, особено се злоупотребуваат за политички игри бидејќи станува збор за висок функционер.
За кредибилитетот на СЈО, нагласува дека не треба да се говори само низ овој случај, таму има капацитет и луѓето кои добро си ја работат работата и нагласи дека дефинитивно „Рекет“ не загрозува ниту еден од процесите коишто се водат, тие продлжуваат да се водат заради тоа што се отпочнати и ќе имаат свој завршеток.
Еве го интервјуто на МИА во целост:
Вчера беше отворен нов случај „Рекет“. Беше одреден притвор за две лица. Бојан Јовановски и Зоран Милевски се во притвор во Шутка. Се спомена и јавен обвинител, чие име не беше обелоденето. Како овој случај ќе влијае врз целокупната ситуација во државата. Иако имиња не се споменуваа, во јавноста се споменуваат одредени бизнисмени, одреден случај, одредена јавна обвинителка. Како сето ова ќе влијае?
-Мене ми е драго што уште еднаш се потврдува дека правдата вака силно не се чувствувала никогаш во Република Северна Македонија. Ова покажува дека постои сериозна спрега на комуникација меѓу граѓаните, Обвинителството и МВР во време во кое оваа власт предводена од СДСМ целосно го ослободи системот независно да функционира, тука мислам на ЈО и правосудството во РСМ.
Тоа е доказ дека законите важат еднакво за сите. Ние ја почитуваме пресумпцијата на невиност, но истовремено сите индиции и докази мора да се процесуираат и до крај да се докаже невиноста или вината на кој било инволвиран во ваквите процеси. И само така можеме да демонстрираме јасна и силна недвосмислена борба против корупцијата и организиранот криминал, а и да ја вратиме правната држава и владеењето на правото. Законот мора подендакво да важи за сите без разлика за кој се работи.
Таму веќе има две осомничени лица, а како што слушнавме од медиумите е земен и телефонот на Катица Јанева за да се утврди дали постои конекција меѓу неа и првоосомничениот. Поради тоа што се работи за високо позиционирани личности тоа дава мотив за секаков вид на политички шпекулации. Според мене, ЈО треба да каже дали таа е злоупотребена во целиот овој процес или инволвирана во таквиот процес. Тоа е коректно да се каже заради тоа што дефинитивно се злоупотребуваат секаков вид на аргументи за да некој прави политички конструкции или слично. Јас сум среќен што навистина денеска правдата никогаш порано не се чувствувале како што сега се чувствува. Тоа самото во себе покажува дека имаме организиран систем, независен систем, што си ја врши својата работа.
Впрочем и самите реформи даваат резултат и во делот на правосудството кое изрекува мерки притвор и донесува одлуки во делот на истрагите и во делот на сите институции коишто постапуваат. Она што секако е многу важно и за другите бизнисмени, ако биле таргет цел на каков било рекет апелирам да го пријават тоа до надлежното ЈО кое ја води ваквата истрага за да може да ги добијат сите докази, сите аргументи кои ќе ја дадат целосната слика за евентуалното постоење на организиран криминал, корупција или рекет.
Евентуалната инволвираност на Катица Јанева, иако секако важи пресумпцијата на невиноста и се уште нема истрага за неа, меѓутоа самото одземање на мобилниот телефон создава одредени сомнежи во јавноста. Колку пова ќе влијае врз кредибилитетот на СЈО, кој ионака во изминатиот период е разнишан до одредено ниво и воопшто врз целокупната способност на државата да се бори со организираниот криминал и високата корупција?
Секогаш сме се бореле за системско одржливо решение. Може кој било од истакнатите личности од општеството да биде инкриминиран, осомничен, да биде инвовливран, да биде зллупотребен или како било. Ние продолжуваме да се бориме за системското решение , кое ќе му даде иднина на СЈО и затоа инсистираме да се донесе решение за Законот за ЈО за кој што треба двотретинско мнозинство , кој е иднината на СЈО како систем. Тоа само уште еднаш покажува дека никој не е недопирлив, дека за секој законите мора да важат подеднакво, а притоа институциите и системите да продолжат да работат. Дефинитивно ова потврдува неколку работи владеење на правото, законот важи еднакво за сите, секој е исправен пред правдата ако постои дури и мало сомневање за него, но институиците, системот мора да продлжат да функционираат.
Реформите ќе продолжат ако дефинитивно го решиме Законот за ЈО, заради тоа што ова СЈО има соодветен капацитет, има јавни обвинители има истражители, администрација коишто работат. Тоа е создаден капацитет од нашите граѓани, од нашите плаќачи на даноци, беше поддржано и од меѓуанодната заедница во неговото создавање како капацитет и обврска на сите нас е да го одржиме како капацитет во неговото функционирање. Јас верувам дека ќе се изнајде решение и тоа многу брзо. Да не оставиме каков било аргумент некој да го земе за алиби и да имаме секако неповолни коментари при донесувањето на одлуката во октомври за датумот за почеток на преговори, а најповеќе и за нашите граѓани ова е важна работа. Верувам дека ќе смогнеме сили за донесеме одлука.
Лидерот на опозицијата одржа прес-конференција на која што кажа дека цел овој случај наликува на втор октопод, кој задира многу подлабоко, но и многу високо во структурите на власта. Спомена и дури и двајца високи функционери на СДСМ, кои биле редовни гости во домот на Бојан Јовановски. Дали имате некакви индиции?
-Ако има какви било докази за кои и да сака во државава должност му е да ги пријави, а не да шпекулира со некакви имиња за високи претставници од власта или слично. Должност на секој граѓанин посебно на лидери на политички партии е должност тоа да го пријават со сите докази и аргументи. Со јавните личности се среќавале сите, вие можете да видите слика со Боки 13, со мене и со многу други општественици, пејачи , многу други луѓе од опозицијата и слично, но тоа не значи дека е инкриминиран или дефинитивно е влезен во некаква организирана структура на криминал. Сето тоа е должност на истрагата. Најмалку што треба тој да направи е тоа да го пријави. Дефинитивно е влезен во целиот негов октопод на криминалното дејствие на ВМРО-ДПМНЕ, кое што сака да го заштити и затоа избегнува секаков вид на комуникација, решение, сака да се блокираат процесите и самата оваа истрага.
Дефинитивно не ги загрозува ниту еден од процесите коишто се водат во судот, тие продлжуваат да се водат заради тоа што тие се отпочнати процеси и ќе имаат свој завршеток. Она кое што е многу важно е демонстрацијата на одговорност од сите во државата. Борбата против криминалот и корупцијата не е лесна работа. Некојпат тоа изгледа драматично во јавноста, но во едно транспарентно општество каде што секој е фокусиран преку вас новинарите, граѓаните преку социјалните мрежи, политичките субјекти и другите чинители на општеството олеснета е борбата против корупцијата и организираниот криминал. Голем дел од пакетот закони во правосудството се изгласани со конснезус во Парламентот, ред е и овој закон што е многу значаен , за значаен фрагмент од правосудството станува збор, а тоа е ЈО, да го изгласаме и на крајот и да докажеме дека се бориме против криминалот и корупцијата во државата , а не напротив да бараме какво било алиби за тоа да го заштитме.
Демонстрираме пркос, демонстрираме систем, борба, неприкосновена против корупцијата и криминалот и уште еднаш комплентата теза да стане наше секојдневие и пракса е таа дека законот мора да важи еднакво за сите, правото и правната дражава се императив на секое општество па така и кај нашето. Ако сме борци за тоа треба да учествуаме за тоа да го унапредиме, а не да бараме какви било изговори. Мене ми е јасно дека тој сака да ги заштити криминалите на неговите сопартијци кои се исправени, но секој треба да одговара ако има докази за тоа и дефинитивно правдата така сило никогаш не се чуствува во нашата земја како што се чувствува сега.
Како ќе го убедите Мицкоски да присустува на лидерската средба в петок, бидејќи тој на прес-конференцијата кажа дека не гледа зошто би дошол, доколку не се разговара за предвремени избори, а знаеме дека законот за јавното обвинителство е нешто што треба да го усогласат политичките играчи во земјава?
-Да не гледаш причини зошто да дојдеш на лидерска средба каде што ќе се зборува за ЈО, а зборуваш за владеење на правото борба против криминалот и корупцијата, го кажува сосема спротивното. Тој не е за владеење на правото и за борба против криминалот и корупцијата. Ние докажуваме неприкосновеност во самостојноста на независните органи како што е ЈО и правосудството. Тоа се случува, тоа е наше секојдневие. Не гледам зошто не би гледал причина конечно да организираме попис во нашата земја заради тоа што неговата политичка партија додека беше на власт ја направи нашата земја да биде една од ретките заедно со Сомалија и не знам кои други да нема попис. Треба час поскоро да го направиме од вчера требаше да го направиме. Затоа треба сите да го заокружиме овој попис и 2020 како што е замислено да се спроведе пописот затоа што предпописот веќе е во завршна фаза и дава одлични резултати. Зошто да не се одлага заради тоа што ние немаме попис. Некои земји ќе го прават 2021, но тие направиле попис во 2011 година. Да не гледаш причина да се појавиш на лидерска средба и да се зобрува за изборното законодавство за препораките на ОДИХР, за нивното вградување, за изборните модели коишто се интерес на граѓаните, а да бараш предвремени избори значи не сакаш да учествуваш во изборното законодавство, а бараш предвремени избори. Ги номиниравме и тие теми, ги повикувам сите коишто се поканети да дојдат. Продолжуваме после тоа и разговори со другите парламентарни групи, политички партии, секако сите се чинители. Ние сакаме да постигнеме консензус. Може да номинираат сите учесници и нови теми коишто мислат дека се важни за државата, за граѓаните, да ги разгледаме сите теми, но дефинитивно да се избегнува учество на лидерска средба и да не се даде шанса да се разговара за ЈО, за попис, за изборен законик единствено само остава трагата и потврдата дека некој не сака да се соочи со одговорноста за криминалот. Не сака земјата да има попис, не сака дефинтивно земјата да има избори и тоа квалитетни избори со вградени препораки на ОБСЕ и ОДИХР. Така да остануваме ние за в петок на лидерска средба. Јас се надевам дека ќе размислат и ќе се појават на лидерска средба. Наша намера е овие процеси да завршат, секако и други процеси во државава се отвораат како што се потребите од дополнителни реформи во правосудството, во јавната администрација, коишто ќе продолжат есента. Ние ќе направиме обид ова лето да се донесат сите одлуки, политички одлуки за овие три теми заради тоа што грижата за РСМ е наша, на граѓаните, на сите чинители, на сите политички субјекти и тоа треба да го демонстрираме на дело.
Колку овој случај со инвовиран сопствени на медиум е атак врз професионалното новинарство во Република Северна Македонија, врз слободата на медиумите, условите во кои работат новинарите?
-Времето на атак врз медиумите како што беше А1 Телевизија, весникот „Време“ заврши.Тогаш тоа го правеше извршната власт преку своите инструменти тоа се институициите на извршната власт. Ова време заврши. Сега јавниот обвинител, правосудството прават истраги и тие истраги ги темелат на докази, јавно ги обелоденуваат и тераат постапки.
Така да апсолутно се е променето, ние сме веќе нормална земја , европска земја би можел да кажам. Треба да бидат радосни граѓаните заради тоа што , како што реков, борбата против криминалот и корупцијата е еден од императивните очекувања на граѓаните, таа се случува во нашата земја и сама по себе покрај сите други случувања се доказ дека земјата е променета, дека земјата е перспективна, дека земјата е со извесна европска иднина и дека стануваме нормална земја . Тоа значи младите да ни останат тука, да имаме повисок економски стандард , да има повеќе домашни и странски инвестиции. Дефинитивно сме нормална земја, за која што се боревме за која што протестиравме, за која што пркосевме против режимот и треба да продолжиме во тој правец оваа борба заради тоа што наша должност е да оставиме подобра земја на нашите деца.