Иран и дал гаранции на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) дека ќе помогне во истрагата на честичките од ураниум пронајдени на необележани локации и повторно ќе инсталира опрема за надгледување, соопшти синоќа нуклеарното регулаторно тело на Обединетите нации.

МААЕ и Иран издадоа заедничко соопштение по враќањето на директорот на МААЕ Рафаел Гроси од Техеран, два дена пред кварталниот состанок на 35-членото раководство на агенцијата.

Во извештајот не се наведуваат многу детали, но според западните дипломати, најверојатно ќе има значително зајакнување на односите меѓу двете страни, со што ќе се спречи притисокот од Западот да воведе уште една резолуција која на Иран би му наложила соработка, велат дипломатите.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси за време на состанокот со Гроси во Техеран изјави дека агенцијата треба да дејствува независно од политичките влијанија.

– Раиси ја истакна потребата да се зачува независноста на МААЕ и да се почитуваат правата на Иранците како клучни за билатералната соработка со агенцијата, објави иранската новинска агенција ИРНА.

Раиси повика на понатамошна соработка со МААЕ врз основа на почитување на тие принципи.