Кувајт денеска го обвини Иран дека извршил напад врз уште една електрана и постројка за десалинизација на вода, откако САД седма последователна ноќ изведоа воздушни напади врз Иран.

Кувајтското Министерство за електрична енергија соопшти дека објектот бил погоден во „непријателски“ напад, при што избувнал пожар во дел од постројката. Неколку генератори биле превентивно исклучени.

Ова е втор ваков објект во Кувајт што е цел на напад во изминатите два дена.

Министерството ги повика граѓаните да ја намалат потрошувачката на електрична енергија во оваа „исклучителна фаза“, имајќи предвид дека нападите се случуваат во период на екстремно високи летни температури, кога климатизацијата е неопходна.

Претходно денеска, кувајтската армија соопшти дека пресретнала повеќе ракети и беспилотни летала лансирани од Иран.

Националниот авиопревозник „Кувајт ервејс“ објави дека поголемиот дел од летовите ќе бидат презакажани, откако полетувањата и слетувањата на Меѓународниот аеродром во Кувајт привремено беа суспендирани поради иранските напади.

Иранската војска денеска соопшти дека погодила американски цели во Кувајт, Бахреин и Јордан како одмазда за најновите американски напади врз Иран.

Воените власти на Бахреин соопштија дека противвоздушната одбрана пресретнала повеќе ирански воздушни напади. Малото заливско кралство, во кое е сместена Петтата флота на американската морнарица, не објави кои локации биле цел на нападите ниту дали има причинета штета.

Во текот на денот неколкупати се огласија сирени за воздушна опасност низ Бахреин.

Американските воздушни напади врз Иран продолжија и седма последователна ноќ. Кувајт, Бахреин и други земји во регионот, каде што се наоѓаат американски воени бази, повторно беа изложени на ирански напади по американските операции.

Американската војска има бази во двете заливски држави.

Според американските вооружени сили, нападнати биле ирански објекти за надзор, подземни складишта за оружје и друга воена инфраструктура.

„Нападите имаат цел дополнително да ги ослабат воените способности на Иран, по наредба на врховниот командант“, објави Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) на платформата Икс.

Иранските медиуми повторно јавија дека биле погодени и цивилни објекти.

Американската војска не прецизираше каде точно биле изведени нападите, но иранската државна телевизија ИРИБ објави дека имало експлозии во близина на Сирик, недалеку од Ормуска Теснина, како и во крајбрежниот град Бандар Абас.

Новинската агенција „Фарс“ јави за нови напади врз мостови во јужната покраина Хормозган, додека државната телевизија „Прес ТВ“ соопшти дека загинале најмалку тројца цивили, а уште осум лица се повредени.