Иран нема да се откаже од контролата врз Ормуската Теснина во ниту еден мировен договор со САД се додека војната не ја смета за завршена, објавија денеска иранските медиуми.

„Спротивно на тоа што го објавуваат западните медиуми, Иран нема да се обврзе да се откаже од контролата врз Ормуската Теснина. Единственото прашање споменато во меморандумот за разбирање е враќањето на пловидбата низ Ормуската Теснина по завршувањето на војната. Главната цел на потпишувањето е да се стави крај на војната на сите фронтови“, објавија иранските медиуми.

Иранската агенција ИРНА објави дека прашањето за санкциите на САД против Иран ќе биде оставено за периодот по потпишувањето на меморандумот и истекот на рокот од 60 дена за водење мировни преговори.

„Со меморандумот, Иран не се обврзува на никакви отстапки поврзани со нуклеарното прашање, ниту пак другата страна се обврзува на укинување на санкциите. Доколку Техеран одлучи да го потпише меморандумот, дел од средствата ќе бидат ослободени веднаш, додека остатокот ќе биде постепено деблокиран“, се наведува во нацрт документот.

Преговорите за прекин на огнот неделава влегоа во клучна фаза откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека договорот е во голема мера постигнат пред самитот на Г7, објави Си-би-ес Њуз (CBS News).

Нацрт-меморандумот предвидува привремено примирје и рок од 60 дена во кој ќе се преговара за трајно решение за нуклеарната програма на Иран и санкциите на САД.

Планирано е да се ослободат 24 милијарди долари замрзнати ирански средства во странство, од кои половина ќе бидат одмрзнати веднаш по потпишувањето, пренесе Си-ен-ен.