Иранската влада денеска соопшти дека ќе се спротивстави на американските санкции, кои ги опиша како американско-израелски „заговор“.
Во соопштението објавено од државните медиуми, иранската Влада вети дека истовремено ќе работи на дипломатијата и одбраната со цел да ги заштити интересите, безбедноста и територијалниот интегритет на својата земја. Таа најави ограничување на инфлацијата, вработувањето, поддршка за домашното производство и постепено намалување на зависноста од доларот.
Шест месеци откако САД и Израел започнаа војна против Иран, преговорите се во ќорсокак, а администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги засили напорите за финансиско казнување на Иран.
Вашингтон ги предупреди земјите ширум светот да ги прекинат деловните врски со Иран или да се соочат со секундарни санкции.
Сепак, Министерството за финансии на САД не воведе санкции против главните трговски партнери на Иран – Кина и Индија, а тоа може да има последици за економијата и на САД и на светот.
Врховниот лидер ајатолахот Моџтаба Хамнеи, кој не е виден во јавноста откако беше повреден во првиот напад на 28 февруари во кој беа убиени неговиот татко и поранешен врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи, ја повика владата да се справи со економските проблеми на Иран.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан за државните медиуми изјави дека надворешната трговија на Иран се намалила за 35 проценти поради американските санкции и блокадата на иранските пристаништа од страна на САД.
Сепак, Пезешкијан рече дека Иран успеал да продаде околу 90 милиони барели нафта за време на краткотрајниот меморандум за разбирање што САД и Иран го потпишаа во јуни, кога Вашингтон дозволи извоз на нафта од Иран.




