Иранските власти денеска ја извршија втората егзекуција поврзана со речиси тримесечните протести, јавија локалните медиуми

– Маџидреза Рахнавард, кој беше осуден на смрт на 29 ноември за убиство со нож на двајца чувари и повредување на четворица други, беше егзекутиран јавно во Машхад, се вели во извештајот.

Првото извршување на смртна казна на осуден учесник во протестите се случи пред неколку дена кога маж осуден за повреда на припадник на паравоени сили за време на протестите беше егзекутиран во Техеран.

– Презирот на иранските власти кон човештвото е неограничен, изјави тогаш германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок реагирајќи на егзекуцијата.

– Сепак, заканата со егзекуција нема да ја смири желбата на луѓето за слобода, додаде таа.

Франција, исто така, изрази силна осуда по егзекуцијата во Иран на мажот обвинет за ранување на член на паравоена група.

– Оваа егзекуција се додава на други тешки и неприфатливи прекршувања, рече портпаролката на француското Министерство за надворешни работи, Ан Клер Лежандре.

Тримесечните антивладини демонстрации на кои интервенираа иранските безбедносни сили беа предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини, откако таа беше приведена поради наводно кршење на строгиот кодекс на облекување на Иран.

Во меѓувреме, демонстрациите се претворија во повици за соборување на верските владетели во Иран и претставуваат еден од најсериозните предизвици за иранските власти од револуцијата во 1979 година.

Револуционерниот суд на Иран редовно изрекува смртни казни. Судот е основан по исламската револуција во 1979 година.