Иранското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека со синоќешниот напад врз иранските нуклеарни постројки САД започнаа „опасна војна против Иран“, пренесоа денеска иранските медиуми.
„Светот не смее да заборави дека САД, сред дипломатскиот процес, ја предадоа дипломатијата“, се вели во соопштението на иранското Министерство за надворешни работи, кое го пренесува Си-Ен-Ен.
Во исто време, иранската државна новинска агенција објави соопштение од иранските власти во кое Израел се опишува како „геноцидна творба што ги крши законите“ и се обвинуваат САД за започнување „опасна војна против Иран“.
Во него се наведува дека нападите врз Иран претставуваат кршење на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право и дека американската Влада „сноси целосна одговорност за сериозните последици и ужасните последици по гнасниот злостор“.
Иранското Министерство за надворешни работи предупреди за „легитимното право на Иран да ја брани својата национална безбедност и државните интереси со сите потребни средства и целосно и решително да се спротивстави на воената агресија на САД и злосторствата извршени од отпадничкиот (израелски) режим“.
Иран ги повикува ОН и другите тела на светската организација, вклучувајќи ја и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), „итно да го разгледаат овој очигледен криминален и нелегален чин“ и бара Советот за безбедност на ОН да одржи итна седница за да ги осуди нападите врз Иран.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи претходно денеска предупреди дека нападите на САД врз нуклеарните постројки на Иран „ќе имаат трајни последици“.