Исланд на референдум гласаше „против“ продолжување на преговорите за пристапување кон Европската Унија. Според податоците од Исландскиот јавен сервис РУВ, 52 проценти од граѓаните (99.037) гласаа „против“, а 47,5 проценти (89.459) гласаа „за“.

Резултатот се чини дека е јасен, бидејќи недостигаат податоци само од една помала изборна единица, кои не би можеле да го променат исходот.

Заговорниците на кампањата „за“ истакнаа дека приклучувањето кон ЕУ ќе ги намали високите каматни стапки со кои Исланд се бори долго време и ќе ја зголеми безбедноста на земјата во светот потресен од руската агресија против Украина и реториката на Трамп за барање на најголемиот остров во светот, Гренланд.

Од друга страна, кампањата „против“ предупреди дека членството во ЕУ ќе го загрози суверенитетот на земјата, како и контролата врз риболовните подрачја што играат клучна улога во економијата на Исланд.

Референдумот се одржа вчера и право да гласаат имаа околу 265.000 гласачи.

Исланд во 2009 година аплицираше за членство во ЕУ, една година откако финансиската криза во 2008 година доведе до колапс на нејзините банки и економија. Преговорите за пристапување почнаа во 2010 година, но беа прекинати во 2013 година кога на власт дојде евроскептична влада. Но, по руската инвазија врз Украина и заканите од американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на соседен Гренланд, Исланѓаните повторно почнаа да размислуваат за приклучување кон ЕУ.

Исланд е стратешки лоциран во субарктичкото подрачје, нема армија и зависи од НАТО и билатералниот договор со САД од 1951 година за одбрана.

Фото: архива