Во последните неколку дена земјотресите на Исланд не престануваат, имаше денови кога земјата се тресеше речиси 1.000 пати, а се стравува и од ерупција.

„Се плашам дека никогаш повеќе нема да го видам мојот дом. Ситуацијата е ужасна“, вели Исланѓанецот Гисли Гунарсон, кој морал да го напушти родниот Гриндавик поради страв од вулканска ерупција.

Гисли е еден од речиси 4.000 жители на Гриндавик, град недалеку од Рејкјавик, кој беше евакуиран од својот дом.

„Патот пукна, зградите претрпеа структурни оштетувања. Целата земја е во шок“, вели еден од жителите, кој морал да се евакуира.

Би-би-си пишува дека на жителите вчера им било дозволено накратко да се вратат за да си ги соберат своите работи, но дека областа набргу повторно била затворена.