Министерството за финансии соопшти дека денеска во целост е исплатена евробврницата од 500 милиони евра земена во 2018 година, во времето на владата на бившиот премиер Зоран Заев.

Средствата за сервисирање на оваа обврска беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка со камата од 3,25 проценти, рок на отплата 15 години, со вклучен грејс период од три години.

– Со цел да се обезбедат средства по најниски трошоци за  исплата на оваа Еврообврзница, беше потпишан Договор за заем со унгарската Експорт-импорт банка. Условите под кои ги добивме средствата направија заштеди на буџетот по основ на камати и по основ на провизии. Ќе продолжиме со политиките на редовно и навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства по најповолни услови, изјавила министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, посочувајќи дека 2025 година ја почнуваме со ликвидни и стабилни јавни финансии кои ќе овозможат редовно и навремено сервисирање на обврските.

Земјата досега има издадено девет еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени, а во наредните години доспеаваат за отплата уште три еврообврзници издадени во 2020, 2021 и 2023 година во вкупен износ од 1,9 милијарди евра.

Фото: МИА архива