Шилегов имаше 24 часа да покаже документи за семејната зграда инаку следи кривична. Времето истекува…

Ова се нагласува во денешното соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која му даде рок на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов да покаже документи за изградбата на неговата семејна куќа во Скопје, оти во спротивно ќе му поднесат пријава за дивоградба.

– Шилегов имаше рок од 24 часа, кој полека истекува, за да покаже дозвола, платени комуналии или било каков документ за семејната зграда, во спротивно ќе му биде поднесена кривична пријава, се вели во денешното соопштение.

Но, се додава во соопштението, Шилегов одбра да молчи и да се крие.

– Бега од одговори затоа што е кабает. Тој има изградено два ката повеќе од дозволеното и сега од петни жили се обидува да го заташка овој скандал, мислејќи дека така ќе се спаси од одговорност. Но се лаже, фатен е жив. Шилегов беше избран и платен од граѓаните да го штити градот од урбанистичко дивеење, но тој избра да премине на страната на урбаната мафија. Тоа е исто како шумар да стане дрвокрадец. Остана уште малку време Петре. Покажи ги документите инаку следи кривична која нема да може Заев да ја крие во фиока. Многу скоро ќе нема Луј Витон судство и обвинителство кое ќе ја штити мафијата на власт, соопшти опозициската партија.