Украинскиот патнички авион Боинг 767, што во средата се урна веднаш по полетување од аеродромот во Техеран при што погинаа сите 176 патници и членови на екипажот, е ненамерна грешка на иранските вооружени сили, изјавија вчера ирански официјални воени лица.

Летот 753 на „Меѓународни авиолинии на Украина“ е страшна трагедија. Сепак, причината за неговиот пад не е за изненадување – вакви трагични воздушни инциденти за време на воени конфликти се ретки, но ги има неколку во историјата на цивилното воздухопловство.

Во часовите пред да се случи катастрофата со падот на авионот, САД и Иран разменија низа од закани, откако иранскиот генерал Касем Сулејмани беше убиен во напад на американски дрон минатата недела во Багдад, а Иранците неделава одговорија со ракетни удари врз сојзнички бази во Ирак.

Современите воени конфликти најмногу се одвиваат во воздух, со напади на ловци, дронови или прецизно наведувани ракети, за, иронијата да биде поголема, избегнување на цивилни жртви. Но факторот човечка грешка, кој се состои во невешто организиран ланец на команда, проверка и донесување конечна одлука за активација на оружјето, како во случајот со Иран, секогаш постои.

Всушност, како Украина така и Иран имаат своја трагична историја на цивилни воздухополовни инциденти предизвикани за време на жестоки геополитички конфликти.

Судбината на летот МН-17 на „Малезиски авиолинии“ кој во јули 2014 леташе од Амстердам за Куала Лумпур на сите им е позната.

Авионот беше соборен со посовршената руска ракет „Бук“ кога леташе на крстосувачка висина од речиси десет километри над источна Украина. Претходно во оваа зона, регуларната армија на Украина и руските сепаратисти водеа воздушен дуел кога со ракети беа соборени неколку украински воени летала. Според последната верзија, сепаратистите истрелале ракета мислејќи дека гаѓаат украинска цел, при што сите 298 луѓе во авионот беа убиени.

Слична беше судбината на летот 655 на „Ирански авиолинии“ кога во 1988 година беше соборен со ракета истрелана од американски воен брод за време на морски воен конфликт помеѓу САД и Иран над Персискиот Залив.

Американците првин тврдеа дека авионот залутал во зоната на воени дејства и бил погрешно идентификуван како воена цел. Но подоцна се докажа неисправноста на таквото тврдење, авионот всушност летал над иранска територија. САД испратија официјано извинување до семејствата на жртвите и исплатија оштета.

Сличен инцидент се случи со летот 114 на „Либиски арапски авиолини“ на 21 февруари 1973 година. Тогаш повеќе од 100 луѓе беа убиени откако воени ловци на Израел го соборија леталото над Синајскиот полуостров. По инцидентот, израелските власти тврдеа дека авионот навлегол во негова територија, бил предупреден но не го сменил курсот на летање. Копилотот, кој го преживеа падот, подоцна изјави дека тие знаеле дека Израел бара од нив да слетаат но дека не го направиле тоа поради влошените односи меѓу Либија и Израел.

Судбината на летот 007 на „Корејски авиолинии“ во осумдесетите години од минатиот век можеби беше еден од најтензичните моменти за време на Студената војна, по кубанската нуклеарна криза две децении претходно.

На 1 септември 1983 година, патничкиот авион леташе на дестинација Њујорк-Сеул со запирање во Енкориџ, Аљаска. На втората делница од летот, Енкориџ-Сеул, автоматиката ги навела пилотите речиси 500 километри надвор од предвидената рута, во строго забрането воздушно пространство на Советскиот Сојуз. Руските радари истовремено забележале шпионско летало на САД во регионот и појавата на авионот таму ја оцениле како уште едно непријателско разузнавачко летало.

Авионот бил следен од ловци кои истрелале предупредувачки проектили, но најверојатно не биле забележани од пилотите. Остатоците од авионот подоцна беа најдени западно од Сахалин во Јапонското Море. Погинаа сите 269 патници и членови на екипажот, а помеѓу нив беше и Лари Мекдоналд, американски конгресмен од Џорџија.

Следуваа тензични моменти меѓу Вашингтон и Москва, а судбината на летот 007 беше причина поранешниот американски претседател Роналд Реган, да го нарече Советскиот Сојуз „империја на злото“.

Во вакви трагични настани има и исклучок, кога патнички авион е соборен не за време на конфликт, туку во текот на воени маневри. Таква беше суднината со летот 1812 на „Сибирски авиолинии“ во октомври 2001 година, кога украинските воздушни сили вршеа воени вежби над Црното Море, и по грешка го соборија авионот, во кој се наоѓаа 78 луѓе, со ракета истрелана од Крим.

Авионот летал од Ерусалем за Новосибирск и најгоем дел од загинатите патници беа руски Евреи.

Борис Камчев за МИА