Папата Франциск денеска од аеродромот во Рим, замина во историска посета на Ирак.

Тој ќе апелира до христијаните во Ирак, кои сè помалку ги има во таа земја, да останат и да помогнат во обновата по долгогодишна војна и прогонства.

Во центарот на Багдад се поставени билборди со ликот на Папата за добредојде на поглаварот на Римокатоличката црква, со натпис „Сите сме браќа“.

Ирачкиот министер за надворешни работи Фуад Хусеин изјави дека Ирачаните со нетрпение ја очекуваат „пораката за мир и толеранција“ на папата.

Во пресрет на посетата на Ирак, папата Франциск рече дека оди во мировен аџилак по повеќе години војна и тероризам.

– Доаѓам на аџилак … да се молам за прошка и помирување по долгогодишната војна и тероризам … и доаѓам меѓу вас во мир. Сакам да ве запознаам, да ги видам вашите лица, да ја посетам вашата земја, античката колевка на културата, рече Папата во видеопорака.

Папата исто така изрази желба „да се моли заедно … со браќата и сестрите од другите верски традиции“, истакнувајќи дека ирачкиот народ го смета како „единствено семејство на муслимани, Евреи и христијани“.

Папата во недела ќе одржи миса во Ербил, а за време на тридневна посета ќе се сретне и со највисокиот шиитски функционер во Ирак.

Римокатоличкиот поглавар инсистирал да патува и покрај зголемувањето на бројот на заразени со коронавирусот во Ирак и загриженоста за неговата безбедност.